Животната приказна на основачот на „Вацап“: Од бришење подови и бонови за храна до остварување на американскиот сон

Животната приказна на основачот на „Вацап“: Од бришење подови и бонови за храна до остварување на американскиот сон

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Според последните податоци, платформата за пораки „Вацап“ ја користат три милијарди луѓе. Бројот на пораки испратени на дневна основа изнесува околу 150 милијарди, што е за речиси 10 отсто зголемување во споредба со минатата година. Само во Индија бројот на корисници е 390 милиони, додека во Бразил е 148.

Јан Коум е украинско-американски претприемач, коосновач на „Вацап“, чие патување од мал град во Украина до триумф во Силициумската долина е сведоштво за храброста, упорноста, иновативноста и американскиот сон кој само малкумина го остваруваат.

Неговото детство не е романтизирана тешка приказна, туку е вистинска и реална. Роден е во Киев во 1976 година, но детството го поминал во Фастив, мало гратче со околу 40.000 жители, сместено на раскрсницата на железничките пруги што ги поврзуваат Централна Европа, Русија и Азија. Тој е единственото дете на мајка домаќинка и татко градежник, фокусиран на изградба на болници и училишта. Селскиот живот по кој Коум сè уште копнее, честопати бил лишен од топла вода, телефон и некои други параметри на основното скромно живеење. На 16-годишна возраст заминал за Америка со неговата мајка и баба, за градот Маунтин Вју, составен дел од раната историја и растот на Силициумската долина и седиште на многу технолошки гиганти (Гугл, Линкдин, Мајкрософт).

Животот во Калифорнија не престанал да го предизвикува. Неговата мајка работела како дадилка, додека тој ги чистел подовите во локална продавница. Неговиот татко никогаш не стигнал во Америка., поради тешка болест, тој починал во 1997 година. Само три години подоцна умира и неговата мајка. Тој останал сам со своите мисли, генијалност и интересот за програмирање.

На колеџот „Сан Хозе“, каде што студирал математика и компјутерски науки, бил затворен и не бил расположен за интимност со други и водење на американскиот таканаречен „мал муабет“ (размена на неважни информации, озборувања и сл.). Тој бил заинтересиран за сите работи поврзани со технологијата, па се приклучил на хакерската група „w00w00“, на интернет чет-мрежа, каде што имал пристап до серверите на „Силикон графикс“ и разговарал со Шон Фенинг, коосновачот на тогашната револуционерна мрежа за споделување музика „Напстер“.

Пријателството како основна врска

Неговата прва работа била во „Ернст и Јанг“, ревизорски гигант каде што бил задолжен за безбедноста, и седел спроти Брајан Ектон, кој му станува пријател, софтверски колега во „Јаху“, а малку подоцна и коосновач на апликацијата „Вацап“. Нивното пријателство, во кое Ектон можел практично да му биде татко поради возраста, се развило по смртта на неговите родители и вработувањето во „Јаху“, на кое тој се приклучил на убедување на коосновачот Дејвид Фило, притоа оставајќи ги студиите.

По деветгодишна сага во „Јаху“ - и двајцата ја напуштиле компанијата во 2007 година и со одредена заштеда решиле да заминат на патување во Латинска Америка. Подоцна аплицирале за работа во „Фејсбук“, но биле одбиени.

Соништа, верба, тајминг


Идејата за „Вацап“ потекнува од фрустрацијата на Коум од пропуштените повици на телефонот додека вежбал во фитнес-сала. Тој замислил едноставна, безбедна платформа за пораки што ќе им овозможи на корисниците да останат поврзани без традиционалните СМС-услуги. На приватен собир на руски емигранти, тој му ја објаснил својата идеја на Алекс Фишман, подоцнежниот основач на апликацијата „Багзи“, која им овозможува на програмерите да гледаат грешки и „паѓања“ на апликациите во живо.

Потоа му објаснил дека името е изведено од американскиот сленг за поздрав „што има?“ (What’s up?) и дека сака името на корисникот да содржи краток статус. Неговото мечтаење е нашето секојдневие денес.

Неговиот сон бил легално основан на 24 февруари 2009 година во Калифорнија. „Вацап“ е создаден со поддршка од рускиот развивач на „ајфонот“, Игор Соломеников. Коум поминувал денови создавајќи кодови за синхронизирање на неговата апликација со телефонски броеви низ светот, сето тоа проследено со непроспиени ноќи за ажурирање на меѓународните префикси.

„Вацап“ се рушел и имал грешки, а кога Фишман ја инсталирал апликацијата на својот телефон, само неколку стотици негови пријатели, главно Руси - ја презеле, баш кога Коум бил на работ да се откаже. Наскоро пристигнала помош во форма на „Епл пуш“ нотификации, што им овозможило на програмерите да ги известат корисниците кога апликацијата не е во употреба.

Успехот на „Вацап“

Апликацијата брзо станала популарна поради нејзиниот кориснички интерфејс и посветеноста на приватноста преку шифрирање. За разлика од другите апликации за пораки од тоа време, „Вацап“ не прикажуваше реклами и не продаваше кориснички податоци, што резултира со доверба од милиони корисници во светот.

Апликацијата многу брзо добила 250.000 корисници, што денес се чини како симболична бројка, а пет нивни поранешни колеги од „Јаху“ станале сопственици на акции, во кои најголем удел имал Коум, а потоа Ектон. Заедно имале 60 проценти. 

И покрај тоа, во еден момент морале да се иселат од своите канцеларии во блискиот магацин, кој немал лого од нивната компанија, а програмерите работеле на бироа од ИКЕА, а се покривале со ќебиња за да се стоплат. Инаку, првите неколку години Коум и Ектон работеле бесплатно. Нивниот најголем трошок била верификацијата на пораките, по цена од два центи за САД и 65 центи за Блискиот Исток.

Во почетокот на 2011 година „Вацап“ била меѓу 20. најдобри апликации во „Еп Стор“, по храбрата одлука да се наплатат 0,99 долари за апликацијата во морето од бесплатни понуди. Првата голема инвестиција што ја прифатиле била на „Секвоја капитал“ и Џим Гец од осум милиони долари (за 15 отсто од компанијата), а кога бројот на корисници се искачил на 200 милиони во 2013 година, Коум и Ектон се согласиле дека е време да се соберат повеќе пари, а наскоро „Секвоја“ додала уште 50 милиони, вреднувајќи ја компанијата на 1,5 милијарди долари.

Продажба на „Фејсбук“

Во 2012 година во инбоксот на Коум стигнала порака од Марк Закерберг, која гласела: „Може да се сретнеме?“ Коум се двоумел, но Закерберг бил упорен и подготвен да се сретне со него кога и да му одговара. Нивната евентуална средба е почеток на она што ќе стане најпрофитабилното двогодишно додворување во историјата на технологијата, аквизиција од неверојатни 19 милијарди долари, најголемото технолошко преземање на сите времиња.

Аквизицијата е гледана како шанса за поврзување на светот и пристап до ресурсите што ќе го овозможат тоа. Коум останал посветен на зачувување на приватноста на корисниците, со големо „не“ за рекламите, модел базиран на претплата и отпор на напорите за монетизација. Сепак, се појавиле тензии меѓу Коум и Закерберг околу тоа како да се заработи од платформата за пораки. Закерберг имал цел да интегрира повеќе функции кои ќе овозможат насочено рекламирање и монетизација, што се косело со принципите за приватност на Коум.

Спорот конечно ескалира во април 2018 година, кога Коум ја објави својата оставка на „Фејсбук“, наведувајќи дека е загрижен за пристапот на компанијата кон приватноста и заштитата на корисниците. Една година пред него истото го направи и Брајан Ектон, кој подоцна ја основа „Сигнал“ – апликација за пораки која стана директен конкурент на „Вацап“.

Наследство


Придонесите на Јан Коум во технолошката индустрија се протегаат многу подалеку од создавањето на „Вацап“. Неговиот акцент на едноставноста, безбедноста и приватноста на корисниците ја револуционизира комуникацијата во новата, дигитална ера. Успехот на апликацијата го отвори патот за други платформи за пораки и ја зацврсти репутацијата на Коум како визионер.

Неговиот американски сон имал симболичен круг. Локацијата каде да го потпише договорот вреден 19 милијарди долари за продажба на неговата компанија на „Фејсбук“ била на неколку блока од дискретното седиште на „Вацап“ во Маунтин Вју, конкретно преку улицата од напуштена бела зграда која ја минува железничка пруга. Поранешната канцеларија за социјални услуги на северниот округ, каде што Коум некогаш стоел во ред чекајќи бонови за храна.
Тогаш и никогаш повеќе.

 

Извор: forbes.n1info.hr

Фото: Freepik/YouTube screenshot