Што се случува со вашиот мозок кога сте во природа, објаснува невронауката
Дали некогаш сте почувствувале како веднаш се смирувате штом влезете во шума? Или сте забележале како мислите ви стануваат полесни додека гледате во море?
Одамна знаеме, и многумина интуитивно го чувствуваат тоа, дека престојот во природа ни годи. Денес, невронауката ни помага да разбереме зошто, односно што точно се случува во мозокот во тие моменти.
Неодамна беше објавено истражување за невронауката на изложеноста на природата во списанието „Невросајенс енд бајобихејвиорал ривјус“, спроведено од истражувачи од Универзитетот „Адолфо Ибањез“ и Кралскиот колеџ во Лондон.
Во анализата беа опфатени 108 истражувања со невровизуализација и беше утврдено дека кога луѓето поминуваат време во природна средина, или дури само гледаат фотографии од природа, мозокот покажува знаци на намален стрес, помал ментален напор и подобра емоционална регулација.
Многумина од нас живеат во средини што постојано го држат мозокот во состојба на будност преку сообраќај, екрани, бучава, метеж и континуирано носење одлуки.
Природата нуди поинаков вид стимул, а мозокот соодветно реагира.
Едно од најсилните сознанија доаѓа од истражувањата со електроенцефалограм (ЕЕГ), што ја мери електричната активност на мозокот. Во многу од анализираните експерименти природните средини беа поврзани со зголемување на алфа и тета-брановите, кои најчесто се поврзуваат со опуштена будност. Истовремено, се забележува намалување на бета-активноста, која е поврзана со активен напор и когнитивно оптоварување.
Поедноставно кажано, мозокот во природа изгледа помалку преоптоварен.
Тоа, сепак, не значи дека станува пасивен или поспан. Наместо тоа, преминува во состојба на внимание што е понежна и помалку напорна. На пример, гледањето на движењето на лисјата, слушањето на жуборењето на водата или забележувањето на промените во светлината го ангажираат умот на поинаков начин отколку метежот на улица или постојаниот прилив на известувања.
Некои истражувања укажуваат дека овие ефекти можат да се појават многу брзо. Во повеќе ЕЕГ експерименти, и во реални услови и во виртуелна реалност, промените се појавиле за неколку минути, понекогаш дури и по само три минути.
Подолгото изложување обично носи посилен ефект, особено кога луѓето поминуваат околу 15 минути во поинтензивна природна средина.
Истражувачите анализирале и истражувања со функционална магнетна резонанција (фМРИ), која ги мери промените во протокот на крв поврзани со мозочната активност и покажува кои региони се повеќе или помалку активни.
Фото: Freepik
Едно значајно откритие е намалена активност во делови од мозокот поврзани со стрес. Амигдалата, која помага во откривањето закани и реагира на стрес, станува помалку активна по изложеност на природа.
Други истражувања со фМРИ укажуваат на промени во мрежите поврзани со внимание и размислување за себе. Овие региони се поврзани со саморефлексија, лутање на умот и внатрешниот тек на искуства.
Во природна средина, тие се реорганизираат на начин што поддржува посмирена и помалку расеана ментална состојба.
Кога се разгледуваат сите 108 истражувања, се појавува прилично јасен образец за тоа како природата влијае врз мозокот.
Најпрво, природните средини се полесни за обработка. Нивните форми и ритми често следат обрасци, како крајбрежја, лисја и облаци, кои мозокот поефикасно ги обработува. Ова го намалува сензорното оптоварување. Како резултат, системите поврзани со стресот почнуваат да се смируваат и телото излегува од состојбата „бори се или бегај“.
Потоа вниманието станува помалку напорно, а емоционалната обработка постабилна. Истражувачите го опишуваат ова како процес поврзан со перцепцијата, регулирањето на стресот, вниманието и саморефлексијата.
Покрај овие непосредни ефекти, постојат и докази дека природата може да влијае врз мозокот на подолг рок.
Овие резултати се претежно корелациски, па затоа е потребна претпазливост бидејќи не може да се докаже дека природата сама ги предизвикала овие разлики. Но тие отвораат можност дека малите, обновувачки ефекти од природата, повторувани со месеци и години, може да се акумулираат и да ги поддржат когницијата и отпорноста.
Затоа, кога престојот на отворено ќе ве натера да се чувствувате полесни или помалку заробени во сопствените мисли, тоа чувство вреди да се слуша. Вашиот мозок навистина ја менува својата состојба.
А можеби разбирањето како природата влијае врз нас и како ние се однесуваме кон неа може да ни помогне и подобро да ја заштитиме. Грижата за природата е истовремено и грижа за нас самите и за другите.
Извор:
The Conversation
Фото: Freepik