Да се добие паричен додаток за нега од друго лице е невозможна мисија, се чека и по 6 месеци за термин кај комисијата

Да се добие паричен додаток за нега од друго лице е невозможна мисија, се чека и по 6 месеци за термин кај комисијата

Подготвил: Радмила Заревска

Лектор: Ивана Кузманоска

Дали некој треба да добие додаток за нега од друго лице, одлучува Комисија, но до неа со месеци не може да се стаса од причина што матичните лекари не можат навреме да закажат термини. На хартија институциите велат дека сè функционира, но луѓето на кои им се потребни овие средства велат дека во практика е сосема поинаку

Административните процедури и лошата организациска поставеност на институциите се главните причини со кои се соочуваат лицата со тешки хронични болести, најчесто врзани за кревет, кои имаат потреба и го остваруваат правото за надоместокот за помош и нега од друго лице. Иако оваа помош законски им следува, сепак, до неа тешко се доаѓа, особено во последната година од пандемијата поради бирократските процедури што треба да ги поминат. Чекајќи ги паричните средства за помош, кои им се потребни за лекување, пред сè, поради лоша економска состојба, честопати не успеваат да ги дочекаат.

Дали некој треба да добие додаток за нега од друго лице, одлучува Комисија, но до неа со месеци не може да се стаса од причина што матичните лекари не можат навреме да закажат термини. На хартија институциите велат дека сè функционира, но луѓето на кои им се потребни овие средства велат дека во практика е сосема поинаку.
На социјалните мрежи граѓаните често ги коментираат сопствените здравствени проблеми, па така член на семејство на пациент со тешка хронична болест, на кој му е потребна нега од друго лице, вели дека веќе четири месеци се на некоја листа на чекање кај матичниот доктор за термин за Комисија.

- Којзнае кога ќе почне исплатата на овој додаток. Парите ни се потребни зашто татко ми има ниска пензија, а со овие пари ќе покриеме дел од трошоците за лекарствата. Властите треба да имаат осет за оваа категорија граѓани - посочува тој.
Во друг коментар една членка посочува дека татко ѝ починал од карцином, а додатокот за нега од друго лице сè уште не го добиле.

- Документите ги поднесовме уште додека беше болен, но целата ситуација со пандемијата придонесе да има доцнење, со некакви комисии и процедури. Татко ми почина, а додатокот сè уште не почнаа да ни го исплаќаат - додава таа.

За термин се чека и по шест месеци

Матичната докторка Лилија Дервишова-Чолакова, претседателка на Здружението на приватни лекари, потврдува дека со месеци не можат да им закажат термин на пациентите за комисија која треба да ја прегледа медицинската документација за тие да можат да го остварат правото за додаток за нега од друго лице.



Д-р Лилија Дервишова-Чолакова

- Не знаеме кога комисиите ги пуштаат термините. На пример, се пуштаат по 200 термини за цел регион. Во тој случај мораме веднаш да реагираме зашто доволни се неколку секунди да го изгубиме избраниот термин. Проблемот е што често овие лица имаат ниски примања, а имаат тешки болести, за кои се потребни многу лекарства. Затоа оваа сума, иако е ниска, им е потребна на месечно ниво. Иако надоместокот за задоцнетите месеци ќе им биде исплатен наеднаш, сепак, кога тоа не е редовно, им создава тешкотии во лекувањето на нивните хронични болести - посочува докторката.

Според неа, веројатно поради пандемијата, овие комисии се состануваат поретко, па се случува еден матичен лекар и по шест месеци да не може да закаже термин за еден пациент.

- Станува збор за пациенти со тешки болести, како мозочни удари, автоимуни болести, лица со карциноми, неподвижни лица. Затоа, за да им излеземе во пресрет, понекогаш се случува да ги замолиме редовните пациенти да почекаат, а јас и сестрата половина час до час да сме пред компјутер и да закажуваме термини за комисија за остварување на ова право - додава д-р Чолакова-Дервишова.

Сè зависи од здравствената комисија

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека се врши редовна месечна исплата на правата од социјална заштита, вклучувајќи го и правото на надоместок за помош и нега од друго лице.

- Последната исплата на надоместокот за помош и нега од друго лице беше извршена на 5.4.2021 година за месец март 2021 година, кога ова право го остварија 42.377 лица. Висината на надоместокот изнесува 4.565 денари во поголем обем, односно 4.039 денари во помал обем - посочуваат оттаму.
Правото на надоместок за помош и нега од друго лице може да го остварат оние со навршени 26 години, со умерена, тешка или длабока интелектуална попреченост, лица со потешка и најтешка телесна попреченост, целосно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба на кое му е неопходна помош и нега од друго лице поради тоа што не може само да ги врши основните активности од секојдневниот живот.

Според надлежните од ресорното министерство, ова правото се остварува врз основа на наод, оцена и мислење на стручни комисии формирани во јавни здравствени установи во состав од тројца доктори специјалисти или супспецијалисти од следниве области: интерна медицина, неврологија, психијатрија, физикална медицина и рехабилитација, ортопедија или офталмологија.
- Истите овие комисии ги пуштаат и термините за закажување со цел добивање наод, оцена и мислење, клучни за остварување на ова право и се во надлежност на Министерството за здравство - посочуваат од МТСП.