Индиски милијардер сака да згрижи 80 нилски коњи од Ескобар што Колумбија планира да ги убие
Индискиот милијардер Анант Амбани понуди да прими во својот центар 80 нилски коњи што властите планираат да ги убијат.
Овие нилски коњи потекнуваат од животни кои во 80-тите години ги донел наркобосот Пабло Ескобар. Оттогаш нивната популација пораснала на околу 160 единки, а властите предупредуваат дека тие ги загрозуваат домашните видови и екосистемите во сливот на реката Магдалена.
Колумбиската влада пред неколку недели најави дека планира да убие 80 од животните, што отвори дебата за можни алтернативи.
Амбани побарал од властите во Богота да ја преиспитаат одлуката и предложил животните да се префрлат во центарот за зачувување на природата „Вантара“, кој го основал во Џамнагар, во сојузната држава Гуџарат.
- Овие 80 нилски коњи не избрале каде ќе се родат, ниту ги создале околностите со кои сега се соочуваат - изјави Амбани на социјалните мрежи и додаде дека тие се живи, чувствителни суштества.
- Ако имаме капацитет да ги спасиме на безбеден и хуман начин, имаме одговорност да се обидеме - вели тој.
Според официјалната страница, центарот „Вантара“ згрижува повеќе од 150.000 животни од над 2.000 вида. Во писмо потпишано од извршниот директор на центарот, наведено е дека се подготвени да обезбедат доживотна грижа за животните, со сите потребни дозволи, биобезбедносни мерки и логистичко планирање.
Колумбиската министерка за животна средина и одржлив развој, Ирене Велез Торес, изјави дека мерката е насочена кон запирање на неконтролираното зголемување на бројот на инвазивниот вид.
Таа предупредила дека без оваа мерка, популацијата би можела да достигне најмалку 500 нилски коњи до 2030 година, што би ги загрозило екосистемите и домашните видови, како морските крави и речните желки.
Министерството претходно разгледувало и преместување на дел од животните во Еквадор, Перу, Филипини, Индија, Мексико, Доминиканската Република, Јужна Африка и Чиле, но тие планови не напредувале поради меѓународни ограничувања и оперативни пречки.
Нилските коњи во март 2022 година се вклучени на листата со инвазивни егзотични видови во Колумбија.
Извор:
n1.info.hr
Фото: Magnific