Матурантка во гимназијата „Нова“, Мија Јовчевска:  Чест ми е што ќе студирам на истиот универзитет како и Илон Маск

Матурантка во гимназијата „Нова“, Мија Јовчевска: Чест ми е што ќе студирам на истиот универзитет како и Илон Маск

Македонката Мија Јовчевска ќе студира на University of Pennsylvania во САД, кој е еден од најпрестижните универзитети во светот, а доволен доказ за тоа е фактот дека во оваа образовна институција дипломирале некои од најголемите интелектуалци на 21 век, како Илон Маск и Ноам Чомски. Матурантката во гимназијата „Нова“ ќе се фокусира на полето на биохемијата и биофизиката и воедно е среќна дека Универзитетот на Пенсилванија нуди одлични можности за практично учење и експериментирање, како и современи лабораториски услови.

Каков е патот што еден средношколец од Македонија треба да го помине за да влезе на еден ваков „ајви лиг“ универзитет?

- Искрено, нема еден дефинитивен пат што треба да се помине за да се влезе на еден ваков универзитет. Да, секако дека се битни оценките и академскиот успех, но тоа не е единствената работа што влијае при запишувањето на кој било американски универзитет. Важни се и воншколските активности во кои еден ученик ужива да учествува. Со други зборови, овие универзитети бараат целосно оформена личност која покажала иницијатива за својот личен развој. Јас, на пример, комплетно му се посветив на волонтирањето. Иако учествував во разни клубови во „Нова“ и одев на часови по дебата, тоа што беше карактеристично за мене беше мојата желба да се дружам и да работам со лицата со посебни потреби.



Кои критериуми мораше да ги исполниш за да влезеш на Универзитетот на Пенсилванија? Какви тестирања или интервјуа се дел од приемниот процес?

- Како дел од приемниот процес беа задолжителни две работи. Прво, требаше да го полагам тестот SAT. Повеќето американски факултети бараат средношколците да полагаат еден од стандардизираните американски тестови SAT или ACT, преку кои се тестираат вештините по англиски и по математика на еден ученик. Исто така, задолжително беше и интервју со некој што ги завршил своите студии на UPenn. Сепак, многу од американските факултети не вклучуваат интервјуа како дел од приемниот процес. Во секој случај, нивните интервјуа се многу неформални и му даваат можност на ученикот да каже нешто повеќе за себе, односно нешто што немал можност да го истакне во апликацијата. Кога станува збор за апликацијата на UPenn, а и на другите американски факултети, апликантот треба да напише неколку есеи на дадени теми преку кои ќе се претстави себеси и ќе даде поголем контекст за своите школски и воншколски успеси и активности.



Дел од јавните личности што имаат завршено на овој факултет се Ноам Чомски, Илон Маск, Ворен Бафет. Колку овој факт ти претставува тежина или можеби гордост што ќе учиш на истиот факултет како и тие?

- Искрено, овој факт не ми претставува ни малку тежина, туку гордост што ќе можам да студирам таму каде што завршиле многу познати и успешни луѓе. Исто така, овој факт го потенцира квалитетот на образованието што ќе го добијам, како и широката признаеност на овој факултет во светот.

Што очекуваш од твојот престој на Универзитетот на Пенсилванија? На што најмногу се радуваш?


- Иако со нетрпение го очекувам почетокот на моето школување на University of Pennsylvania (UPenn), свесна сум дека оваа етапа од мојот живот нема да биде ни малку лесна и едноставна. Сепак, многу се радувам што ќе имам можност да студирам биохемија и биофизика на еден од најдобрите универзитети во светот. Уште повеќе ме радува тоа што ќе учам и соработувам со исклучителни професори и научници и ќе имам можност да правам сопствени научни истражувања уште по втора година. Исто така, ме радува тоа што ќе можам да земам предмети од најразлични дисциплини. За разлика од европскиот едукативен систем, американските универзитети ми даваат можност да изучувам предмети и од уметноста и од општествените науки, иако тие не се главниот фокус на моите студии. За крај, ентузијаст сум што ќе можам да се запознам и да се дружам со луѓе од различни култури и држави.

Каде ја гледаш својата иднина? Дали мислиш дека ќе се вратиш во Македонија или би сакала да ја продолжиш својата кариера надвор од земјава?

- Иако себеси се гледам како научник, не знам каде би сакала да ја почнам мојата кариера. Искрено, би сакала да живеам и да работам во странство, но доколку условите за работа и живот се сменат во Македонија во следните четири години, секако дека би ми било драго да се вратам овде.

Колку и како училиштето „Нова“ ти помогна да го оствариш својот сон и да бидеш примена на Универзитетот на Пенсилванија?


- Секако, „Нова“ играше голема улога во моето запишување на UPenn бидејќи ми овозможи да земам меѓународно признаени Advanced placement (AP) предмети, преку кои се истакнав меѓу другите апликанти. Advanced placement е всушност американска програма која им дава можност на средношколците низ светот да учат предмети на факултетско ниво и за нив да бидат екстерно оценети преку еден завршен испит. Исто така, „Нова“ во мене ја разбуди љубовта кон волонтерската работа, што ми ја збогати апликацијата, но, пред сѐ, ми помогна да се развијам целосно како личност. „Нова“ ми овозможи и академско советување преку кое стекнав знаење за различните едукативни процеси на универзитетите низ светот и ме запозна со прекрасни професори, кои ми дадоа огромна помош и поддршка. За крај, „Нова“ секако дека не е предуслов за запишување на факултет во странство. Со доволно труд и работа, како и со учеството во воншколски активности, секој може да успее да се запише на универзитет во странство.