Американската војска им нуди 4 слободни дена на војниците за да играат „ГТА 6“, доколку го продолжат договорот

Американската војска им нуди 4 слободни дена на војниците за да играат „ГТА 6“, доколку го продолжат договорот

Една единица на американската војска во Џорџија им понудила на војниците 4 слободни дена како поттик да го продолжат договорот за служба, а слободното време можат да го искористат за играње на долгоочекуваната видеоигра „ГТА 6“.

Војниците од 9. инженериски баталјон во базата „Форт Стјуарт“, кои од 1 август до 14 ноември ќе потпишат договор за продолжување на службата, можат да добијат посебно четиридневно отсуство откако ќе се обврзат на најмалку уште две години служба во американската војска.

Според меморандумот на командантот на баталјонот, потполковникот Рајан Хоџсон, терминот на четиридневното отсуство ќе биде усогласен со официјалниот датум на објавување на играта „ГТА VI“ („Гранд Тефт Ауто VI“), кој компанијата „Рокстар гејмс“ го одреди за 19 ноември.

Од 130 војници што ги исполнуваат условите, досега 20 го избрале овој поттик, изјави портпаролката на 3. пешадиска дивизија, Ејнџел Томко.

Војниците мора да се обврзат на најмалку 2, а најмногу 6 години продолжена служба.

Томко рече дека командата и советникот за професионален развој сакале да најдат креативен начин да ги мотивираат војниците да ја продолжат службата и да им понудат погодност што одговара на нивните интереси.

- Сакаме да ги задржиме најдобрите - наведе Томко, додавајќи дека оваа иницијатива е резултат на креативноста на советникот за професионален развој и дел од напорите за остварување на целите за регрутирање.

Поттиците за продолжување на службата во американската војска не се невообичаени и можат да вклучуваат ослободување од одредени обврски, привилегии при паркирање и други погодности.

Извор: 021.rs
Фото: Magnific