Јапонците направија клима-уред што се носи како облека - чини околу 200 евра и може да лади и да грее
Јапонците развија пренослив клима-уред што се носи на телото и активно го разладува корисникот. Новата генерација може да работи со часови без полнење, а во зима може да се користи и за загревање.
Европа и ова лето се соочува со екстремни топлотни бранови, рекордно високи температури и долготрајни суши. Поради тоа, расте интересот за уреди што можат да го разладат човекот и кога тој не е во климатизиран простор.
Во последните 15 години особено се развија малите преносливи уреди за разладување. Во Јапонија уште во 2010 година започна масовното производство на работни јакни со вградени вентилатори, а во 2020 година „Сони“ ја претстави првата генерација на уредот „реон покет“.
Станува збор за личен уред за разладување кој се носи околу вратот и активно го лади телото, наместо само да дува воздух. Првите верзии имаа одредени ограничувања, пред сè, кратко траење на батеријата и потреба од специјална поткошулa со џеб на грбот.
Лади и грее без вода и разладни гасови
„Сони“ во меѓувреме го усоврши уредот и ја претстави петтата генерација „реон покет про плус“, која може и да лади и да грее.
Уредот има метална плочка од не'рѓосувачки челик која се поставува на задниот дел од вратот. Притоа не користи вода, фреон или други разладни гасови.
Според производителот, ладењето е околу 20 отсто поефикасно во споредба со претходните верзии. Температурата на површината што ја допира кожата може дополнително да се намали благодарение на подобрениот алгоритам и системот за одведување на топлината.
Уредот има и сензор кој ги мери температурата и влажноста на воздухот и автоматски го приспособува начинот на работа според условите.
Батеријата може да трае повеќе од 30 часа
Траењето на батеријата зависи од интензитетот на работа. Во автоматски режим уредот може да работи околу 15 часа, на најсилно ладење околу 5,5 часа, додека на најниското ниво батеријата може да издржи повеќе од 30 часа.
Се полни преку УСБ-Ц кабел. До 80 отсто од капацитетот се полни за околу 2 часа, додека целосното полнење трае околу 3 часа.
При најсилно ладење, уредот може да ја намали температурата на плочката за 10 до 13 Целзиусови степени во однос на моменталната температура на телото на корисникот.
„Сони“ почна да го продава новиот модел во Азија во мај 2026 година, а потоа и во САД. Продажбата во Европа дополнително ќе биде најавена. Цената на интернет се движи од 211 до 240 евра, во зависност од понудата.
Во Јапонија, каде што летните температури во градови како Токио, Кјото и Осака често надминуваат 35 степени, се очекува зголемен интерес за ваквите лични уреди за разладување.
Извор:
Nova.rs
Фото:
Instagram