Оваа станбена зграда го „забавува“ стареењето, а дизајнирана е така што во неа никогаш не можете да се опуштите

Оваа станбена зграда го „забавува“ стареењето, а дизајнирана е така што во неа никогаш не можете да се опуштите

„Риверсибл дестини лофтс“ или во слободен превод „отворени станови за пресврт на судбината“ е името на шарениот станбен комплекс во западниот дел на Токио, кој се состои од девет необични единици.

Комплексот го дизајнирале јапонскиот архитект Шусаку Аракава и неговата сопруга и уметница Медлин Гинс на почетокот на 21 век со цел да ги поттикнат сите сетила. Становите се направени така што во нив не можете да се опуштите, т.е. целта е да ги збунат телото и умот.

Авторите верувале дека модерната архитектура премногу го поедноставува секојдневниот живот со рамни подови, предвидливи простории и стандарден мебел и ни овозможува да се движиме речиси автоматски низ нив. Наместо тоа, тие осмислиле простор полн со нерамнини, испакнатини и неочекувани шипки, во кој ништо не е на своето место. Просторот му пркоси на она што го знаеме за вообичаената архитектура на домот – повеќе наликува на некаква справа за вежбање на телото и умот.

Проектот е посветен на Хелен Келер, глува и слепа писателка и научничка која со сопствен пример покажа дека телото може и мора да развие поинаква перцепција за светот – преку допири, мириси, текстури, вибрации и положба на телото – за да може да функционира во него.

Кога Шусаку Аракава ги проектирал становите, се прашувал во каков простор би сакала да живее Хелен Келер, што донекаде го објаснува бизарниот распоред на целиот станбен комплекс.

Покрај сè, брачниот пар сметал дека неконвенционалните простори како овој комплекс можат да го активираат телото и да го спречат неговото пропаѓање, па дури и да го забават стареењето.

Ексцентричниот и шарен комплекс и денес привлекува многу внимание. Некои единици можат да се изнајмат на пократки или подолги периоди. Како изгледаат становите однатре, погледнете во видеото.




Извор: punkufer
Фото: принтскрин/јутјуб