Швајцарски искуства за флексибилен систем: Енергетиката на Македонија 2026-2030 (II дел)

Швајцарски искуства за флексибилен систем: Енергетиката на Македонија 2026-2030 (II дел)

Чебрен и Галиште

Како што навестив во претходната колумна, во следните неколку продолженија ќе ги изложам моите ставови за тоа како Македонија треба да одговори на актуелните предизвици во енергетиката и да обезбеди флексибилни извори на електрична енергија со можност за складирање на енергијата.

На денешното ниво на технолошки развој, најдокажано решение за складирање на големи количини електрична енергија се пумпно-акумулационите хидроцентрали. Во Швајцарија работат околу десет големи пумпно-акумулациони централи со вкупна инсталирана моќност од над 4.000 MW, што е јасен показател за нивната важност во современите електроенергетски системи. Во Македонија денес немаме ниту една пумпно-акумулациона централа, иако постојат природни предуслови за нивен развој.

Во подготовката на оваа колумна консултирав повеќе постари трудови што ги имав подготвено со покојниот Илија Андонов - Ченто, еден од пионерите на македонската хидроенергетика. Иако Чебрен со право се смета за најподготвен проект од ваков тип во државата, Ченто често укажуваше дека Македонија располага и со други интересни локации за идни пумпно-акумулациони централи. Како примери може да се наведат Демир Капија, која би го користела езерото Градец (кога ќе се реализира проектот Градец) како долен резервоар, како и Ташмаруниште, која би го користела езерото Глобочица. Сепак, овие проекти ниту приближно не го поседуваат потенцијалот и нивото на техничка подготвеност што денес ги има Чебрен. Но овие проекти ги споменувам затоа што за нив уште сега треба да се инвестира во нови студии, истражувања и проектирања, за кога Чебрен ќе биде реализиран, тие да бидат подготвени за почеток на изградба.

Во таа насока, неопходно е накратко да се потсетиме на развојот на македонската хидроенергетика. По ослободувањето, шесте најголеми хидроцентрали што и денес претставуваат столб на производниот систем на ЕСМ беа изградени во исклучително краток период, од 1958 до 1968 година. Вруток е првата пуштена во погон, лично од Јосип Броз Тито на 27 мај 1958 година, додека Тиквеш е последната од оваа генерација централи, пуштена во употреба во 1968 година. Во меѓувреме овие капацитети беа ревитализирани во две фази, а третата е во тек.

Пред и за време на изградбата на Тиквеш започнале и првите сериозни истражувања на хидроенергетскиот потенцијал на Црна Река возводно, односно на локалитетите Чебрен и Галиште. По долг процес на истражувања, мерења и проектирање, до 1990 година била подготвена проектна документација што овозможувала започнување на изградбата. Сепак, по осамостојувањето на Македонија, оправдан приоритет добија проектите Козјак и Света Петка поради нивната клучна улога во заштитата на Скопје од поплави.

Имајќи ја предвид оваа историја, логично е да се заклучи дека Чебрен и Галиште претставуваат следниот голем хидроенергетски потфат на државата. Малку проекти во Македонија имаат толку долга историја на истражувања, техничка разработка и подготвена документација.

Неколку збора и за оправданоста на овој проект. Денес во Македонија има повеќе од 1 GW инсталирани фотоволтаични капацитети. Развојот на фотонапонските електрани во последните неколку години отвори нови предизвици за електроенергетскиот систем. Проблемот не е во самата инсталирана моќност, бидејќи фотоволтаиците никогаш не ја даваат номиналната моќност во секој момент, туку во концентрацијата на големи капацитети на одредени точки од преносната мрежа и во нивната променлива природа.

Во сончеви пролетни и летни денови ваквите капацитети можат да создадат значителни вишоци на електрична енергија во дневните часови, а истовремено да не произведуваат ништо во вечерниот период кога потрошувачката е највисока. Токму Чебрен со својата инсталирана моќност од околу 333 MW би можел да апсорбира значителен дел од дневните соларни вишоци и да ги враќа во системот во часовите кога тие се најпотребни. Во одделни разгледувани варијанти и Галиште се јавува како реверзибилен капацитет со дополнителна моќност од околу 200 MW, со што вкупната флексибилност на системот дополнително би се зголемила.

Што се однесува до инвестицијата, ако се земат предвид цените на неодамна реализираните европски пумпно-акумулациони проекти, како и актуелните цени на градежните работи и електромеханичката опрема, може да се очекува дека инвестицијата денес би се движела во опсег од 1 до 1,5 милијарди евра, во зависност од конечниот концепт и моделот на реализација. За споредба, швајцарската пумпно-акумулациона централа Нант де Дранс (2022год.), со инсталирана моќност од 900 MW, беше реализирана со инвестиција од околу 2 милијарди евра.

Со период на изградба од шест години, Чебрен би претставувал еден од најголемите инфраструктурни зафати во поновата македонска историја, а севкупниот ефект врз економската активност преку градежниот сектор, индустријата и услугите би можел да достигне и до 2 проценти од БДП годишно во текот на изградбата.

Социјалното влијание врз денес речиси опустошениот регион на Мариово би било претежно позитивно. Сосема е реално да се очекува дека селото Манастир и околните населени места ќе заживеат уште во фазата на изградба, а подоцна и преку трајните работни места поврзани со управувањето и одржувањето на хидросистемот. Дополнителна предност е што реализацијата на проектот не бара раселување на население, ниту уривање на населени места, бидејќи акумулациите би ја формирале површината на ненаселени терени.

Што се однесува до еколошкиот аспект, јасно е дека секоја голема акумулација носи одредени промени во природната средина, но споредено со други хидроенергетски проекти во Македонија, како Луково Поле и Бошков Мост, влијанијата врз заштитени подрачја и населени места се значително помали. Дополнително, акумулациите би можеле да придонесат за подобро управување со водните ресурси, поддршка на наводнувањето и создавање поповолни локални микроклиматски услови.

Покрај директните економски придобивки, Чебрен би имал значење и за развојот на домашното инженерство. Македонија повеќе од две децении нема реализирано голем хидроенергетски проект. Изградбата на ваков комплекс би овозможила пренос на современи знаења и технологии, обука на нова генерација инженери и стекнување искуство во управување со сложени инфраструктурни проекти. Таквото знаење останува во државата и претставува капитал што може да се користи и за идни енергетски и инфраструктурни проекти.

Во наредното продолжение ќе се осврнам на предизвиците и главните проблеми на овој проект, како и на историјата на неуспешните тендерски постапки за Чебрен и Галиште и на поуките што можат да се извлечат од нив со цел да се избере најсоодветниот модел за реализација на овој стратешки проект

(Продолжува)

Автор: Игор Николов, инженер и проект‑менаџер во хидроенергетика (Швајцарија);