Лековито дрво одгледано од семе старо 1.000 години
Меѓународен тим од ботаничари, земјоделци и историчари успешно одгледал зрело дрво од античко семе, пронајдено во пештера во Израел. Во нивниот труд, истражувачите опишуваат каде е пронајдено семето, чекорите што биле направени за да се открие неговото потекло и што научиле за неговата историја кога никнало и израснало во зрело дрво.
Во 80-тите години, истражувачите ископувале пештера во Јудејската Пустина, Израел, и откриле семе кое подоцна било датирано некаде помеѓу 993 и 1202 година од нашата ера, што значи дека е старо приближно 1.000 години. Тестирањето на семето сугерирало дека сè уште е живо, па истражувачкиот тим го засадил и се грижел за него. Малку подоцна дрвото никнало. Сега, 14 години подоцна, дрвото пораснало до зрелост.
Дрвото, кое тимот го нарекол Шеба, е високо приближно 3 метри и има зелени лисја. Како што растело дрвото, истражувачите спровеле студија за неговото стебло, смолата и лисјата. Тие известуваат дека неговиот вид сега е исчезнат. Исто така, откриле докази за пентациклични тритерпеноиди - соединенија за кои е познато дека го намалуваат воспалението кај луѓето. Пронашле тип на масло - сквален за кое се знае дека е антиоксиданс и се користело како третман за кожа.
Наоѓањето на семето во пештера покажува дека луѓето што живееле во регионот засадувале такви дрвја, што значи дека знаеле за неговите лековити квалитети. Ова може да биде доказ дека смолата од дрвото може да биде медицинското соединение „цори“, споменато во Библијата неколку пати.
Истражувачите откриле и дека дрвото му припаѓа на родот „Commiphora“, кој припаѓа на истото семејство како темјанот и смирната. Сепак, неговиот вид сè уште е непознат бидејќи дрвото сè уште не процветало, што го спречува проучувањето на неговите репродуктивни карактеристики.
Наодите покажуваат дека дрвото претставува изумрена лоза, која некогаш растела во регионот. Не е познато зошто дрвјата изумреле.
Извор: phys.org
Фото: Communications Biology