„Исклучително е важно да ја подигнеме свеста за менструалното здравје и да зборуваме за оваа тема гласно, природно и без срам“ – Ана Шоповска, заменик-претседателка на УСС - УКИМ
Ана Шоповска, заменик-претседателка на Универзитетско студентско собрание УСС–УКИМ ни ги сподели студентските видувања околу прашањето за менструалната сиромаштија и на кој начин УСС-УКИМ е вклучено во иницијативи што се залагаат за менструална правда и еднаквост.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат младите девојки кога станува збор за менструалната правда и пристапот до хигиенски производи?
Еден од најголемите предизвици е што менструацијата сè уште се смета за табу-тема. За жал, многу млади девојки растат без доволно информации за сопственото тело и за тоа што всушност претставува менструалното здравје. Недостигот на едукација и отворен разговор создава непријатност и несигурност, а тоа само ја продлабочува стигмата. Затоа е исклучително важно да ја подигнеме свеста за менструалното здравје и да зборуваме за оваа тема гласно, природно и без срам.
Од друга страна, постои и економски предизвик. Денес, студентките – а и жените воопшто – мора да издвојат значителен дел од својот буџет за да набават хигиенски производи, кои стануваат сè поскапи. Тоа е сериозен товар, особено кога знаеме дека голем дел од младите живеат во услови на младинска економска ранливост, односно немаат стабилни приходи и се потпираат на ограничени финансиски средства.
Пред некое време дознав податок што навистина остави впечаток кај мене – дури 40 % од жените во светот се соочуваат со менструална сиромаштија, односно не можат редовно да си дозволат влошки или тампони и користат алтернативни работи што ги имаат по дома. Тоа е бројка што навистина поттикнува на размислување. Во земја како нашата, каде што младата популација е економски ранлива, менструалните производи не треба да се третираат како луксуз, туку како основна потреба. Затоа сметам дека државата и општествено одговорните компании треба да најдат начин да ги субвенционираат овие производи и да овозможат поголема достапност за сите.
Менструалната правда значи повеќе од пристап до производи – таа подразбира еднаквост, здравствена едукација и поддршка. Кога сите ќе почнеме да зборуваме за ова отворено, тогаш навистина ќе направиме чекор напред кон општество што разбира и се грижи.
Како студентките го прифатија проектот на dm #НИКОГАШПОВЕЌЕСАМА во соработка со универзитетите низ Македонија? Дали забележувате промена во начинот на кој се зборува за менструалното здравје?
Студентките многу позитивно ја прифатија оваа кампања и проект, особено делот со поставувањето диспанзери со бесплатни менструални влошки на факултетите. Мислам дека тоа е навистина голем и значаен чекор напред. Забележувам дека студентките ги користат, и се надевам – одговорно, затоа што ваквите иницијативи имаат смисла само ако сите придонесеме тие да функционираат.
Мене, искрено, оваа иницијатива ми се допаѓа премногу затоа што менструацијата е нешто што може да се случи во кој било момент и важно е секоја жена да се чувствува сигурно, каде и да се наоѓа. Не треба да биде под стрес или непријатност доколку циклусот ѝ започне ненадејно. Сметам дека секоја жена треба да биде информирана за своето тело и за својот циклус. Токму затоа, со предавањата, разговорите со гинеколози и со јавното зборување за менструалната правда, придонесуваме целото општество да стане посвесно и поемпатично. Навистина верувам дека треба да стане нормално во секој женски тоалет – без разлика дали е во јавна институција, компанија, училиште или факултет – да има достапни и бесплатни менструални производи. Тоа е еден мал, но важен чекор кон општество во кое секоја жена се чувствува поддржано и достоинствено.
Колку е важна улогата на студентското собрание во поддршката на вакви проекти и како придонесува за создавање отворен дијалог за менструалната правда меѓу младите?
УСС–УКИМ секогаш е тука да поддржи вакви иницијативи и проекти кои имаат вистинско значење за студентите. Се надевам дека оваа практика ќе продолжи и во иднина затоа што преку ваквите активности не само што се решаваат реални потреби, туку и се рушат табуа и се гради култура на отвореност и поддршка. Нашата улога како студентско собрание е да дадеме мислење, да помогнеме при промоцијата на ваквите иницијативи, да ги истакнеме нивните придобивки и да им го доближиме проектот на студентите. Како студенти, и самите сме свесни колку е важно да се зборува отворено за менструацијата и менструалното здравје. Затоа често организираме работилници и едукативни настани на овие теми, а секогаш со задоволство ги поддржуваме и активностите на нашите соработници, како што е dm.
Само пред две недели dm постави „Bestie катчиња“ на три универзитетски кампуси низ земјата, каде што студентите имаа можност да разговараат директно со гинеколог. Ваквите сесии се неверојатно важни затоа што реалноста е дека не сите студентки одат редовно на гинеколог и не сите се доволно запознаени со своето тело. Сè уште постои срам и непријатност да се постави прашање или да се побара совет. Токму затоа, студентското собрание има важна улога – да поттикнува дијалог, да ги охрабрува младите да зборуваат и да создаде средина во која секој ќе се чувствува безбедно, информирано и прифатен.
Како Студентското собрание планира да продолжи со поддршката на кампањата Bestie?
Како студентско собрание, ќе продолжиме да даваме поддршка на секоја иницијатива што се залага за менструална правда и еднаквост. Ќе продолжиме да го шириме прашањето за менструалната сиромаштија – не само меѓу студентите, туку и до службите, факултетите и институциите кои можат да придонесат за реална промена. Ќе продолжиме со соработката со Bestie, затоа што и таа, симболично кажано, не треба да биде сама. Оваа кампања ни покажа дека кога младите, компаниите и институциите се обединети околу иста идеја – резултатите се видливи и инспиративни.
Искрено се надевам дека проектот ќе прерасне во нешто уште поголемо и дека во иднина државата ќе се вклучи посериозно, со поддршка што ќе овозможи менструалните производи да бидат достапни и во основните и средните училишта. Затоа што менструалната сиромаштија не започнува, ниту завршува со студентските денови – тоа е прашање на достоинство, здравје и еднаквост што нè засега сите.
(Комерцијална објава)