Ноќевање во мртовечница или во психијатриска болница: Дали би платиле за вакво морничаво искуство?
Во пресрет на Ноќта на вештерките, сè повеќе љубители на хоророт во САД се откажуваат од класичните куќи на стравот и избираат автентични локации, како што се напуштени психијатриски болници, погребални претпријатија и мртовечници. Некои се подготвени да платат и за ноќевање на места за кои се верува дека се опседнати од духови, односно дека се проколнати.
Паранормалниот туризам станува сè попопуларен, а според истражувањето на „Букинг“, тој би можел да биде еден од поважните туристички трендови во 2027 година.
Во истражувањето спроведено меѓу повеќе од 28.000 патници од 32 земји и територии, дури 65 отсто од испитаниците изразиле интерес за паранормални искуства, додека 48 отсто би сакале да учествуваат во активност во надеж дека ќе стапат во контакт со некого „од другата страна“. Половина од испитаниците ги интересираат искуства поврзани со задгробниот живот, смртта и духовноста.
Една од популарните локации е „Елоис азлиум“, некогашна психијатриска болница во предградието на Детроит. Посетителите таму можат да учествуваат во организирани истражувања на паранормални појави, да користат посебна опрема или да преноќат.
- Посетителите на нашите паранормални обиколки тврдат дека нешто ги допира, ги фаќа, им остава отпечатоци од рацете на облеката или им свири - вели Џастин Кокс, основач на организацијата „Мичигоуст паранормал“.
Комплексот настанал во 19 век како сиропиталиште, а подоцна прераснал во една од најголемите јавни здравствени установи во САД.
- Веруваме дека траумата остава енергија што предизвикува паранормални појави. Овде имало многу трагедии и страдања, па веруваме дека местото е проколнато - вели Кокс.
Сепак, членовите на семејствата на некогашните пациенти ја критикуваат комерцијализацијата на просторот во кој ранливите луѓе преживувале тешки искуства.
Фотографирање на обдукциски маси и ноќевање меѓу ковчези
Слична атракција нуди „Морчуари менор“ во Толедо во Охајо, некогашно погребално претпријатие што работелo од 1926 година.
Посетителите можат да ги разгледуваат просториите за балсамирање и обдукции, како и мртовечницата, каде што многумина се фотографираат лежејќи на масата за починатите.
Објектот денес функционира како музеј и место за паранормални истражувања. За околу 200 долари е можно да се преноќи во апартман со пет соби, а посетителите можат да гледаат хорор-филмови опкружени со ковчези.
Во ноември таму ќе се одржи и првата свадба, симболично закажана за петок 13-ти.
Истражувачите на паранормалното користат уреди за мерење електромагнетни полиња со кои се обидуваат да ги откријат наводните пораки од духовите. Меѓутоа, таквите уреди не претставуваат научен доказ за постоењето на паранормални појави.
И покрај морничавиот амбиент, организаторите тврдат дека целта е забавата.
- Во денешниот свет, во кој сите се под стрес, Ноќта на вештерките е можност луѓето да се опуштат, да поминат време со пријателите и семејството и малку да се исплашат - заклучува Кокс.
Извор:
n1info.hr
Фото: Magnific