Робот за достава предизвика сообраќајна несреќа и побегна од местото на настанот
Според извештајот на естонското радио, до судир на градскиот автобус и роботското возило дошло на една раскрсница во главниот град Талин.
Талин транспорт (ТЛТ) на социјалните мрежи објави снимка од судирот на која се гледа мало доставно возило кое не запрело на црвено светло и влегло во раскрсницата. За да избегне судир, возачот на автобусот нагло закочил, поради што неколку патници паднале. Во несреќата се повредени до девет луѓе, соопшти градската превозничка компанија.
Роботот, од друга страна, бил отфрлен преку патот, а потоа го напуштил местото на несреќата.
- Роботот побегна, ако може така да се каже. Едноставно си замина - изјави Андреи Новиков, член на управата на ТЛТ за естонското радио.
Пепе Аавиксоо од компанијата „Старшип технолоџис“, производител на роботите за достава, изјави дека компанијата контактирала со полицијата и покренала интерна истрага за да ги утврди точните околности на настанот.
- Многу ни е жал што дојде до ваква несреќа - рече Аавиксоо, додавајќи дека безбедноста е главен приоритет на компанијата.
Роботите на „Старшип“ можат да превезуваат до 15 килограми товар на оддалеченост до пет километри. Во Естонија се движат целосно автономно по тротоарите и доставуваат намирници, оброци или пакети. Возилото со помош на неколку камери ја надгледува својата околина.
Пред овој инцидент, последниот пријавен судир меѓу робот и автобус се случил во април 2020 година.
Фото: принтскрин/јутјуб