Шведската влада ги блокира „Чет-ГПТ“ и „Клод“
Забраната за користење на верзиите на „Чет-ГПТ“ и „Клод“ достапни преку прелистувач на службените компјутери стапи во сила на 26 октомври, поради загриженост околу безбедноста и обработката на чувствителни податоци.
Шведските државни службеници повеќе не можат на службените компјутери да ги користат верзиите на „Чет-ГПТ“ на „Опен-АИ“ и „Клод“ на „Антропик“ достапни преку прелистувач. Одлуката е донесена поради безбедносни ризици поврзани со обработката на чувствителни податоци.
На ова претходеше анализа на алатките за вештачка интелигенција што вработените во Шведската сообраќајна управа ги користеле оваа година. Анализата откри „проблематична“ употреба на платформите за вештачка интелигенција во вршењето на државните работи.
Официјалните лица изразија загриженост дека внесувањето чувствителни информации во тие модели, без соодветни договори за заштита на податоците, би можело да доведе до нивно складирање и користење за тренирање на моделите.
Државните службеници и понатаму ќе можат да користат вештачка интелигенција во извршувањето на своите задачи, но со построги безбедносни контроли. На ограничен број вработени ќе им биде дозволено да продолжат да ги користат „Чет-ГПТ“ и „Клод“, но само преку посебна платформа за вештачка интелигенција што ја развија шведските власти.
Според извештаите на шведското јавно радио, ограничувањата се воведени и во Шведската даночна управа и во Националниот одбор за институционална грижа. Шведското тело за спроведување на законот исто така го преиспитува ова прашање.
Фото:magnfic