Траги од коронавирус пронајдени во органите по речиси три години од прележувањето ковид-19
Научниците од рускиот Универзитет „Сеченов“ ги поврзаа постковид-компликациите и активирањето на заспаните клетки на рак со продолженото задржување на компонентите на SARS-CoV-2 во ткивото на внатрешните органи.
Траги од вирусот се пронајдени на кардиоваскуларните и репродуктивните органи, белите дробови и гастроинтестиналниот тракт.
Научниците ја истражија оваа област откако открија траги од коронавирус во белите дробови на еден пациент дури 35 месеци по прележаната болест.
- Истражувачите открија РНК и протеини од коронавирусот во белите дробови, гастроинтестиналниот тракт, срцето и ендометриумот месеци и години по инфекцијата - се наведува во извештајот што го пренесе агенцијата ТАСС.
Научниците го испитаа ткивото добиено за време на операции и обдукции. Користејќи PCR и имунохистохемија, открија РНК од коронавирус, како и неговиот шилест протеин и нуклеокапсиден протеин. Овие наоди укажуваат на тоа дека продолжената перзистенција на вирусните компоненти може да биде една од причините за постковид-синдром, заедно со автоимуните реакции.
Вирусните компоненти се откриени во неколку типови клетки, а нарушувањето на овие клетки придонесува за хронично воспаление, оштетување на крвните садови и несоодветно снабдување на ткивата со крв.
Идентификуваните лезии на белите дробови вклучуваа хронична опструктивна белодробна болест, интерстицијална пневмонија и тешка фиброза. Една пациентка разви белодробна алвеоларна протеиноза по реинфекција.
Научниците ја проучуваа и врската помеѓу ковид-19 и прогресијата на ракот. Кај пациентите со рак на белите дробови, вирусните компоненти се откриени и во туморските клетки и во ендотелните клетки. Утврдено е дека аденокарциномите на белите дробови кај преживеаните од ковид-19 имаат зголемени нивоа на матични клетки на рак, што е поврзано со ризик од метастази и отпорност на туморот на хемотерапија.
-Постои хипотеза дека коронавирусот го поттикнува преминот на матичните клетки на ракот од заспана, односно спиечка состојба, во активна - цитирана е во извештајот патолог Елена Шчелокова.
Истражувачите сугерираат дека SARS-CoV-2 може да влијае врз развојот на туморот менувајќи ги клеточните сигнални патишта. Сепак, потребни се понатамошни истражувања за да се потврди оваа хипотеза, вклучително и споредба на состојбата на пациентите заболени од рак пред и по ковид-19.
Траги од коронавирус се пронајдени и во клетките на желудникот, цревата и црниот дроб. Во ткивата на дигестивниот систем, специјалистите идентификуваа инфламаторни промени и подрачја на некроза. Меѓу откриените болести беа стеатоза и стеатохепатитис на црниот дроб, гастритис, ерозии и чирови на желудникот, хроничен лимфоцитен колитис и лезии на панкреасот.
Научниците наведуваат дека е можно инфекцијата со коронавирус да придонела за прогресија на веќе постојните гастроинтестинални болести. Кај пациентите со аденокарциноми на желудникот и дебелото црево, специјалистите забележаа зголемување на бројот и активноста на матичните клетки на ракот, слично на промените што се гледаат кај ракот на белите дробови.
Истражувачите открија и промени во срцевото ткиво поврзани со коронавирусот. Некои пациенти развија миокардитис и срцева инсуфициенција по инфекцијата. Постковид миокардитисот се карактеризира со оштетување на васкуларниот ендотел, што го нарушува протокот на крв до срцевиот мускул, а симптомите можат да потсетуваат на коронарна артериска болест.
Пациентите што закрепнале од ковид-19 треба да имаат темелен преглед пред операција на срцето. Ако воспалението потрае, постои ризик имплантираниот залисток да не се прицврсти.
Истражувачите открија и дека SARS-CoV-2 може долго да се задржи во ендометријалното ткиво, внатрешната слузница на матката, и да придонесе за развој на нарушувања кои доведуваат до женска неплодност.
- Со оглед на тоа што значаен дел од оние што закрепнија од ковид-19 се млади луѓе, важно е да се обрне внимание на нивното репродуктивно здравје во првите месеци по болеста и на подолг рок - рече Татјана Демура, директорка на Институтот за клиничка морфологија и дигитална патологија на Универзитетот „Сеченов“.
Научниците препорачуваат следење на здравствената состојба дури и по благ случај на инфекција со коронавирус. Посебно внимание треба да им се обрне на лицата со постојни медицински состојби бидејќи најтешкото оштетување на белите дробови е забележано кај пациенти со хипертензија, коронарна болест на срцето, дебелина и дијабетес.
Според истражувачите, понатамошните истражувања на механизмите со кои компонентите на SARS-CoV-2 опстојуваат во организмот ќе помогнат во разјаснувањето на причините за постковид-компликациите и развојот на таргетирани методи на терапија.
Фото: magnific