УКЛО студентите во бизнис секторот: Тимот од ФИКТ меѓу топ 15 на #ИмамИдеја4

УКЛО студентите во бизнис секторот: Тимот од ФИКТ меѓу топ 15 на #ИмамИдеја4

По успешните квалификации и во силна конкуренција во изборниот процес, кој привлече над 400 апликации, тимот составен од студенти на Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола официјално се пласира меѓу 15-те најдобри тимови во четвртата сезона на тримесечниот стартап-инкубатор „#ИмамИдеја4“, организиран од „Startup Club Skopje“.

Тимот најпрво се најде меѓу 30. избрани идеи, чии автори учествуваа во презентацискиот дел од натпреварот за пласман меѓу најдобрите 15. Презентацијата пред стручната комисија донесе многу адреналин, бидејќи тимот имаше само три минути да го докаже пазарниот потенцијал на својата идеја пред жирито.

Како започна сè: од „Startup Weekend Bitola“ до „RelyOn“

Целата приказна започна на локалниот хакатон „Startup Weekend Bitola“, каде што оваа идеја за првпат беше претставена и освои трето место. Поттикнат од првичниот успех, тимот продолжи да ја развива, надградува и обликува својата визија во одржлив бизнис-концепт под името „RelyOn“.

1

Идејата зад „RelyOn“ е одговор на реален секојдневен предизвик. Преку апликација и веб-страница, платформата овозможува пристап до сигурна и професионална домашна нега за постари лица, преку мрежа од сертифицирани негуватели и лесно достапни пакети на услуги.

Што велат членовите на тимот? Искуства, сознанија и пораки од успехот

Подготовките, како и развојот на идејата од првичниот хакатон до вклучувањето во програмата „#ИмамИдеја4“, им донесоа на студентите непроценливо искуство. Секој од членовите на тимот го споделува својот личен впечаток и сознанијата што ги стекнал.

Евгенија Талевска: „Учеството на вакви хакатони и стартап-настани ме научи дека промената и напредокот не доаѓаат сами од себе. Мора самите да бидеме тие што ќе тропаат на вратите и ќе преземаат иницијатива за да го оствариме она што го сакаме. Само надвор од комфорната зона, преку тимска соработка и соочување со предизвици, се раѓаат иновативни идеи и стануваме подобра верзија од себе“.

Елена Гичевска: „Ваквите настани ни ја менуваат перспективата за тоа што може да се постигне за кратко време. Учиме дека не мора сè да биде совршено уште од самиот почеток. Советите и различните мислења на менторите, како и нивната порака дека сега треба да грешиме колку што е можно повеќе, ни помагаат да го најдеме најдоброто решение. Со вистински тим и отвореност за приспособување, секој предизвик и секоја грешка ни помагаат да ја насочиме идејата во вистинската насока“.

Стефан Кочовски: „Овој настан ни овозможи да запознаеме многу луѓе, да создадеме нови контакти и да добиеме совети од експерти во различни области. Тие совети многу ни помогнаа во развојот на идејата и во одредувањето на насоката во која ќе се движи. Ги охрабрувам сите студенти да учествуваат во некоја од следните вакви прилики, да го применат техничкото знаење стекнато на факултетот и да бидат отворени за стекнување нови вештини“.

3

Филип Штрковски: „Ова беше многу убаво искуство на кое сум горд. Секако, не беше лесно, но кога си опкружен со амбициозни луѓе кои размислуваат како тебе, секој предизвик може да се надмине. Ваквите настани се одлична можност да излезеш од комфорната зона и да се соочиш со предизвик преку кој можеш да научиш повеќе за себе и да се надградиш како личност“.

Со вклучувањето во програмата „#ИмамИдеја4“, тимот на ФИКТ продолжува со тримесечен развој на идејата, менторство и соработка. Нивниот успех покажува дека иновативноста, упорноста и младешката енергија на УКЛО имаат значаен потенцијал за придонес на македонската стартап-сцена.

ФИКТ како поддршка на студентската иновативност и претприемништво

Успехот на студентскиот тим е резултат и на континуираната поддршка од Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ), кој обезбеди целосна организациска и финансиска поддршка за учеството на студентите во стартап-програмата.

Со тоа, ФИКТ уште еднаш ја потврдува својата заложба за создавање академска средина што ги охрабрува студентите да го применуваат стекнатото знаење во практиката, да развиваат иновативни решенија и да ги претвораат своите идеи во одржливи бизнис-концепти.

Деканот на ФИКТ, проф. д-р Благој Ристевски, потврдува дека високообразовните институции имаат важна улога не само во пренесувањето на знаењето, туку и во поттикнувањето на професионалниот развој на студентите. Според него, успехот на студентскиот тим потврдува дека институционалната поддршка, во комбинација со знаењето, креативноста и иницијативноста на младите, создава услови за развој на иновативни решенија и позитивни општествени промени.

Од ФИКТ нагласуваат дека и во иднина ќе продолжат да ги поддржуваат иницијативите што ја поврзуваат академската заедница со бизнис-секторот и го поттикнуваат развојот на младите претприемачи.

(Комерцијална објава)