Театар Комедија со „Боливуд“ гостува во Црна Гора
Мјузиклот „Боливуд“, во режија на Наташа Поплавска, а во изведба на ансамблот на Театар Комедија, вечерва ќе гостува на Меѓународниот фестивал на актерот во Никшиќ, Црна Гора. Мјузиклот „Боливуд“ премиерно беше изведен во ноември 2019 година во Театарот Комедија и по паузата поради пандемијата, „Боливуд“ месецов се врати на сцената на Театарот Комедија каде што редовно се игра.
- Нашaта претстава на комично-фарсичен начин упатува на проблемите во нашите посткомунистички општества и преку песна и игра, со коментари за состојбите низ кои поминуваат земјите во транзиција, успешно одговара на реалноста во која живееме - вели режисерката Поплавска.
Во претставата играат актерите на Театар Комедија: Жаклина Стефковска, Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Жарко Димоски, Ева Скендеровска, Миа Кантарџиева и Сергеј Димовски. Автор на текстот е Маја Пелевиќ, музиката е на Огнен Анастасовски, кореографијата и костимографијата се на Наташа Поплавска, сценографијата и видеоанимацијата на Емил Петров, а светло-дизајнот на Милчо Александров.
фото: веб-страница на Министерството за култура