Поради насилство во училиштата, просветарите во Србија ќе ја прекинат наставата

Поради насилство во училиштата, просветарите во Србија ќе ја прекинат наставата

По серијата инциденти и случаи на врсничко насилство и насилство врз вработени во училиштата во Србија, денеска просветните работници најавија прекин на наставата на 1 декември, а министерот за образование Бранко Ружиќ најави до 20 декември нови мерки против насилството.

 - Работна група ќе ги собере сите релевантни актери: еминентни експерти во борбата против насилството, психолози и педагози со долгогодишно работно искуство во училишната и клиничката практика, претставници на ресорното министерство, образовни синдикати, здруженија на родители - изјави Ружиќ за „Политика“ и додаде дека 20 декември е краен рок за да се утврдат недостатоците и да се предложат промени во досегашната практика за системот да биде поефикасен.

Тој наведе дека не е најважно да се занимаваме со казните и построгите санкции, туку со превенција на насилството и додаде дека наставниците ја вршат најблагородната работа, затоа што животот го посветиле на образованието на децата и дека имаат емпатија, одговорност и ентузијазам.

 - На 1 декември во училиштата нема да има настава, бидејќи тоа е форма на отпор кон сето она што се случува во Србија – целосна незаинтересираност за образованието. Ова е нашиот бунт и ова е нашиот отпор, на 1 декември нема настава - најави денеска претседателката на Унијата на синдикатот на просветните работници на Србија (УСПРС), Јасна Јанковиќ, на конференцијата „Стоп за насилството во училиштата“ пред Владата во Белград.

Таа предупреди дека мора да се воведе нулта толеранција за насилство.

- Инаку, од образовните институции нема да остане камен на каменот, ќе почнат општи тепачки меѓу учениците, наставниците и родителите, и тука повеќе нема да има образование - рече Јанковиќ.

Потпретседателот на УСПРС, Звонимир Јовиќ, истакна дека со штрајкот ќе бараат и да им се додели на просветните работници статус на службени лица.

 - Тој статус носи поголема заштита на вработените во училиштата од напади, било на деца, било од родители и старатели - рече Јовиќ.

Само во текот на овој месец имаше информации за серија напади на ученици врз наставниците и врз соученици, како што беше малтретирањето на професорката во Техничкото училиште во Трстеник, нападот на врсниците над 13-годишниот Н.К. од Суботица кому му беше отстранета слезината, нападот врз ученик од седмо одделение од седуммина постари ученици во Нови Сад, повеќе слични случаи во Врање и други.

Извор: МИА