Премиера на македонскиот филм „Хомо“ на најголемиот фестивал во Азија

Премиера на македонскиот филм „Хомо“ на најголемиот фестивал во Азија

Македонскиот долгометражен игран филм „Хомо“ на режисерот Игор Иванов-Изи ќе ја доживее својата интернационална премиера на 51. Интернационален филмски фестивал во Индија, кој ќе се одржи од 16 до 24 јануари 2021 година во Гоа. Овој престижен фестивал, основан во 1952 година, е и најстариот интернационален фестивал во Азија, кој, препознавајќи го и поттикнувајќи го талентот и на докажани и на надежни автори, низ годините се здоби со репутација на еден од најзначајните фестивали не само на овој континент, туку низ целиот свет. Како платформа за врвните филмски достигнувања од најновата кинематографија, ИФФИ Гоа е еден од само неколкуте акредитирани натпреварувачки фестивали од страна на релевантната Федерација на асоцијации на филмски продуценти, во иста категорија со фестивалите во Берлин, Кан, Венеција, Локарно, Карлови Вари.

Фестивалот го селектира „Хомо“ во главната програма „Светска панорама“, која прикажува селекција од најдобрата продукција од целиот свет.
Во филмот играат: Александар Матовски-Цако во улогата на Гоги, Наташа Петровиќ во улогата на Кети, Игор Ангелов во улогата на Поп Христо, Јордан Симонов во улогата на Адвокатот, Мајлинда Косумовиќ од Косово во улогата на Зана, Сашко Коцев во улогата на Петар, Оливер Митковски во улогата на Сократес, Сергеј Димовски во улогата на Виктор, Јоана Буковски од Бугарија во улогата на Петра, Себастијан Каваца од Словенија во улогата на психијатарот д-р Улчар, Јелена Јованова во улогата на Јулија, Мони Дамевски во улогата на Вујкото на Гоги, Мартин Манев во улогата на Поп Демјан и Славиша Кајевски во улогата на Фантом.

„Скопје филм студио“, како главна продукциска куќа, доби поддршка за „Хомо“ од Агенцијата за филм на РМ, потоа од Филмскиот центар на Србија, Националниот бугарски филмски центар, Косовскиот кинематографски центар и Словенечкиот филмски центар.
Филмот е снимен по сценарио на Игор Иванов и Сашо Кокаланов. Авторски потпис ставија: Маја Радошевиќ од Србија како кинематографер, Кирил Спасески - сценограф, Аленка Нахтигал - шминка и фризура, Полонца Валентинчиќ - костимограф, двете од Словенија, Мaртин Иванов - Монтажа, дизајн на звук - Борис Трајанов од Бугарија. Автор на музиката е Зоран Спасовски, а во филмот провејуваат и песните на Љупчо Константинов. Продуцент на филмот е Томи Салковски.