Кои се клучните активности на Бирото за развој на образованието во делот на изработка на наставни програми во текот на оваа година?
Во текот на оваа година Бирото за развој на образованието интензивно работеше на изработка и ревизија на наставни програми за предучилишното, основното и средното образование. Фокусот беше ставен на подготовка и објавување нови наставни програми за повеќе предмети и одделенија, при што особено внимание се посвети на нивно усогласување со современите образовни стандарди и потребите на учениците.
Паралелно, беа организирани јавни дискусии и консултации со наставници, стручна јавност и други засегнати страни, со цел програмите да бидат квалитетни, применливи и прифатени од образовната заедница.
Изработивме нови наставни програми за осмо одделение во основното образование, со што се заокружува континуитетот во основното образование, а потоа и наставни програми за втора година во средното образование.
Процесот на изработка се одвиваше во соработка со наставници, универзитетски професори, советници и други релевантни експерти, со цел програмите да бидат реални, применливи и усогласени со современите образовни трендови и потребите на учениците.
Бирото подготви и упатства и дидактички материјали за наставниците, а беа реализирани и обуки за нивна правилна и ефикасна имплементација.
Во текот на целата година се спроведуваше и континуиран мониторинг на примената на наставните програми, со цел нивно постојано унапредување и поддршка на наставниот процес.
Како придонесуваат новите наставни програми за стекнување применливи и релевантни знаења кај учениците?
Новите наставни програми се конципирани врз основа на резултати од учење, што значи дека јасно е дефинирано што ученикот треба да знае, разбира и може да направи по завршување на одреден наставен период. Покрај тоа, програмите содржат и прецизно утврдени стандарди за оценување, кои обезбедуваат поголема објективност, транспарентност и усогласеност во процесот на вреднување на ученичките постигања.
Овој пристап претставува отстапување од традиционалниот модел фокусиран на содржини и меморирање, и воведува модерен, компетенциски ориентиран пристап кон наставата.
Тие овозможуваат поврзување на теоријата со практиката преку проектно и истражувачко учење, работа со реални примери и ситуации и примена на современи наставни методи. На овој начин, учениците не само што усвојуваат знаења, туку развиваат и вештини како критичко размислување, креативност, соработка и решавање проблеми. Програмите се приспособени на современите општествени текови, што овозможува учениците да стекнат знаења и компетенции кои се релевантни за нивниот понатамошен образовен и професионален развој.
Кои обуки за наставен кадар се реализирани во текот на годината?
Годинава, Бирото за развој на образованието посвети особено внимание на професионалниот развој на наставниот кадар преку реализација на различни обуки и семинари. Организирани беа обуки за наставниците од гимназиското образование кои во учебната 2025/2026 година ја реализираат наставата според новите наставни програми за прва година гимназиско образование, со јасни насоки за планирање, организација и оценување на наставата. Дополнително, се реализираа обуки за унапредување на дигиталните компетенции, примена на дигитални алатки во наставата и развој на интерактивни и персонализирани наставни пристапи, како и обуки поврзани со одржливиот развој и поттикнување еколошка свест кај учениците. Паралелно, Бирото ги поддржа и другите форми на стручно усовршување на наставниците, со цел јакнење на нивните компетенции согласно современите образовни барања.
Дали се спроведени истражувања и анализи за унапредување на образовните политики?
Да, во текот на годината Бирото за развој на образованието реализираше низа истражувања и анализи кои имаат значајна улога во унапредувањето на образовните политики и практики.
Бирото спроведе истражување за финансиска писменост во основното образование, со кое се анализираше како учениците ги разбираат основните финансиски поими, какви вештини поседуваат и на кое ниво се нивните знаења. Резултатите од истражувањето ќе послужат како основа за понатамошно интегрирање на финансиската писменост во наставата.
На веб-страницата на Бирото се достапни и други истражувања и студии поврзани со квалитетот на учебниците, оценувањето, инклузијата и други важни аспекти на образовниот систем.
Како Бирото ја одбележа 70-годишнината од своето постоење?
70-годишнината од постоењето на Бирото за развој на образованието ја одбележавме со свечен настан посветен на нашата долга и значајна мисија во унапредувањето на образовниот систем. Тоа беше можност да се осврнеме на изминатите седум децении и да го вреднуваме трудот и придонесот на сите генерации вработени и соработници кои го граделе Бирото, при што на дел од нив им беа врачени благодарници како израз на признание за нивната посветеност.
Во рамки на одбележувањето беше промовирана и монографија посветена на 70-годишниот јубилеј, која го документира развојниот пат на Бирото и ја истакнува неговата визионерска улога во поставувањето на целите кон најквалитетно образование. Јубилејот го искористивме и како поттик за понатамошни реформи и иновации, со јасна визија за современо, инклузивно и функционално образование.
Каква е улогата на Бирото за развој на образованието во кампањата „Магијата е во знаењето“?
Бирото за развој на образованието активно ја поддржува кампањата „Магијата е во знаењето“ преку промовирање на вредностите на образованието и знаењето како клучна инвестиција во иднината на секој поединец и на општеството во целина. Кампањата е во согласност со нашата мисија да поттикнеме љубов кон учењето, да ја зајакнеме улогата на наставниците и да ја истакнеме важноста на квалитетното образование како основа за личен и општествен развој.
Каква порака сакате да испратите до учениците, родителите и наставниците преку оваа кампања?
Преку кампањата „Магијата е во знаењето“ верувам дека веќе ја испративме суштинската порака – дека знаењето е најсилната и највредната алатка што ја поседуваме како поединци и како општество. Преку организираните панел-дискусии во повеќе градови, во кои учествуваа наставници, друг образовен кадар, родители и претставници на институциите, како и преку активната комуникација на социјалните мрежи, кампањата отвори простор за суштински дијалог за улогата и значењето на образованието. Верувам дека пораката допре до учениците како поттик да веруваат во своите способности и да ја препознаат вредноста на учењето, до родителите како потсетник за нивната важна поддржувачка улога во образовниот пат на децата, а до наставниците и целиот образовен кадар како признание за нивната клучна улога и одговорност во создавањето квалитетна, инспиративна и современа настава, во која знаењето навистина станува магија.