Како да се направи разлика помеѓу новата варијанта на ковид и настинка

Како да се направи разлика помеѓу новата варијанта на ковид и настинка

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Кашлањето и кивањето се неизбежни во ова време од годината. Без разлика дали сте на работа, патувате или се релаксирате дома, тешко е да ги избегнете. Нови варијанти на ковид владеат, а во морето од информации е сè потешко да се каже дали болно грло или течење на носот е знак на ковид или типична сезонска настинка.

Што предизвикува настинка, а што предизвикува ковид?

-Настинките се предизвикани од цела низа различни вируси, но најчестиот виновник е риновирусот, кој сака да се насели во носот и грлото. Ковид, од друга страна, е предизвикан од САРС-Ков-2, еден вид коронавирус. И двата го напаѓаат вашиот респираторен систем, но ковид има тенденција да влијае подлабоко, понекогаш на белите дробови, па дури и на други органи - вели д-р Чун Танг од приватниот здравствен центар „Пал Мал Медикал“, Велика Британија.

Која е новата варијанта на ковид и по што се разликува?

„Стратус“ (XФГ) и „Нимбус“ (НБ.1.8.1) се некои од најновите варијанти на сојот омикрон од коронавирусот, кои во последно време доминираат во медиумите.

-„Стратус“ е поврзан со засипнатост и замор, а „Нимбус“ со чувство на „брич во грлото“ и дигестивни симптоми како што се гадење и надуеност. И двете варијанти се многу заразни, но не се поопасни од претходните варијанти - вели доктор Бруно Силвестер Лопес, професор по микробиологија на Британскиот универзитет во Тисајд.

-И двете болести, и ковид-19 и обичната настинка, се шират главно преку капки, кога некој кашла, кива или зборува во ваша близина. Сепак, ковид-19 може да се шири и низ воздухот преку мали честички, аеросоли, кои остануваат во просторот, особено во преполни или лошо проветрени простории. Значи, додека обичната настинка бара малку близок контакт за зараза, ковид-19 може да „ви се прикраде“ преку просторија ако немате среќа - вели д-р Танг.

Разлики и сличности помеѓу симптомите на настинка и ковид-19


Настинката и ковид-19 тешко се разликуваат бидејќи многу од симптомите се преклопуваат.

-И двете болести можат да предизвикаат болно грло, течење или затнат нос, а може да кивате и кашлате. Сепак, ковид-19 може да предизвика и треска, замор, болки во мускулите и карактеристичното губење на вкусот или мирисот, иако е поретко кај поновите варијанти. Ковид-19 е поверојатно да ве натера да се чувствувате како да сте удрени од камион, а кај настинката нема таква тенденција - вели Танг.


Дали симптомите на настинка и ковид траат исто?

-Симптомите на настинка обично траат 7 до 10 дена. Симптомите на ковид-19 обично траат до две недели, но некои луѓе може да ги доживеат подолго, дури и месеци. Ковид-19 може да предизвика и сериозни компликации, како што е пневмонија или долготраен ковид, кој влијае врз повеќе системи во телото отколку само на респираторниот систем - вели Лопес.

Кога треба да посетите лекар за настинка или ковид-19?


- Треба да посетите лекар ако имате висока температура што не се намалува, ако имате тешкотии со дишењето, ако имате болка во градите или ако вашите симптоми траат повеќе од 10 до 14 дена без подобрување. Особено во случај на ковид, побарајте помош ако имате недостиг на воздух или ако сатурацијата на кислород во крвта ви падне. Секогаш верувајте им на вашите инстинкти, ако сте загрижени, одете на лекар - вели Танг.

Како можете да спречите инфекција?

-Често мијте ги рацете, често проветрувајте ги просториите во кои се наоѓате и обидете се да не го допирате лицето премногу. Избегнувајте близок контакт со луѓе кои очигледно не се чувствуваат добро, а ако се чувствувате лошо, бидете внимателни кон другите, останете дома и одморете се. За ковид, вакцинацијата со најновите препорачани вакцини за моментално циркулирачките варијанти обезбедува одлична заштита и не потценувајте ја моќта на добриот сон, балансираната исхрана и редовната физичка активност - советува д-р Танг.

Извор: avaz.ba

Фото: Freepik