На Светскиот ден на науката за мир и развој – 10 ноември, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје традиционално ги додели наградите за најдобри научници и уметник на Универзитетот. Добитник на наградата за најдобар научник во техничко-технолошките науки за 2024 година е проф. д-р Христијан Ѓорески, вонреден професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
- Искрена благодарност до
Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за поддршката, довербата и континуираната научна средина што ја овозможуваат. Благодарност и до ИНОФЕИТ и Дигиталниот иновациски хаб (
INNOFEIT EDIH), каде што истражувањата не завршуваат во лабораторија, туку продолжуваат како иновации и реални технолошки решенија. Ова признание го споделувам со колегите, соработниците и студентите со кои заеднички градам научна заедница и чија посветеност е директно вградена во секоја публикација, проект и достигнување - истакна проф. Ѓорески, кој во интервју за „Факултети.мк“ открива на што се фокусираат неговите истражувања и како неговите трудови наоѓаат примена во практиката.
Ѓорески е истражувач во полето на вештачката интелигенција и машинското учење, поконкретно развивање алгоритми за обработка на податоци за градење интелигентни системи кои наоѓаат примена во здравството и грижа за стари лица. Во 2022 година проф. д-р Ѓорески беше дел од листата на 2 % најцитирани научници во светот во својата област, а прогласуван е и за најдобар млад научник на годината.
Колку ви значи оваа награда и колку труд е вложен во вашиот пат кон успехот?
- Ова признание е посебно затоа што доаѓа од матичната институција во која работам и истражувам, односно од
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ). Фактот дека станува збор за највисоката научна награда на УКИМ, како највисока и најрелевантна научна институција во земјата, ѝ дава дополнителна тежина и лична вредност. Наградата претставува потврда за долгогодишен континуитет во истражувањето, фокус на научен интегритет и соработка со колеги, студенти од земјава и странство. Кога се работи тоа што се сака, процесот е полесен и мотивирачки, но секако зад секој резултат стои сериозен труд и постепен професионален раст. Мојата цел никогаш не била „брз успех“, туку резултат на систематска работа и научни соработки во Македонија, Словенија и Обединетото Кралство, многубројни меѓународни трудови во списанија со фактор на влијание, како и значајни европски и индустриски проекти. Ова признание го доживувам како награда на еден подолг научен процес, но и како поттик за понатамошна работа, како и заеднички успех со институцијата и тимовите со кои работам.
Сте биле најдобар млад истражувач, еден од најцитираните научници, а сега и најдобар научник, колку е голема одговорноста да се носи овој успех?
- Најчесто успесите носат признанија, но исто така и уште поголема одговорност, односно да се задржи квалитетот, да се остане доследен на научната етика и активно да се вложува во младите истражувачи. Според мене, признанијата не треба да водат кон ароганција, туку кон чувство на обврска и одговорност кон научната заедница. Фактот дека сум дел од листата на 2 % најцитирани научници во светот во мојата област, како и добитник на повеќе национални и меѓународни признанија, дополнително го зголемува стандардот кон кој морам да бидам доследен. Тоа подразбира научна дисциплина, како и критичност кон сопствената научноистражувачка работа.
Истовремено, ваквите признанија се и сигнал дека континуираната работа, меѓународната соработка и вложувањето во квалитетна наука носат резултати. Тие се поттик не само за мене, туку и за помладите колеги, дека и од Македонија може да се гради релевантна и видлива научна кариера на светско ниво.
Кое е Вашето научно поле на интерес, на што се фокусираат Вашите истражувања?
- Моето научно поле е вештачката интелигенција и машинското учење, со посебен фокус на паметни уреди што ги носиме, како што се: паметни телефони, паметни алки и во последно време паметни очила. Овие технологии овозможуваат континуирано и неинвазивно следење на човечкото однесување и благосостојба, што овозможува различни сервиси и апликации за следење и подобрување на здравјето и квалитетот на живот. Моите истражувања се насочени кон тоа како од сигналите на телото - движење, физиолошки реакции и фацијални експресии - може да се препознае човечкиот контекст: активности, потрошена енергија, навики во исхраната, емоции и психофизичка состојба. Во последно време работиме интензивно на развој на паметни очила кои можат автоматски да препознаат активности, консумирање храна и нутритивни вредности, како и емоционални состојби, преку соработка со компанијата
Емтек лабс од Обединетото Кралство.
Најголемиот потенцијал за придонес го гледам во дигиталното здравство, превентивната медицина и менталната и емоционалната благосостојба, каде што недостигаат персонализирани, неинвазивни системи за следење во реално време. Тука вештачката интелигенција може да помогне не само во детекција, туку и во предикција и подобрување на квалитетот на животот.
Колку Вашите научни трудови ве афирмираа како истражувач, а исто така и УКИМ?
- Научната афирмација никогаш не е индивидуална. Речиси сите мои трудови се резултат на коавторство, тимска работа и соработка со истражувачи од универзитети, институти и индустриски партнери (кај нас и во странство), во рамките на меѓународни проекти и конзорциуми. Секој труд објавен во водечки списанија како Elsevier, Springer, Nature Publishing Group и IEEE не ја афирмира само индивидуалната работа, туку директно ги позиционира и македонската наука и УКИМ/ФЕИТ на глобалната истражувачка мапа. Тоа е особено важно за помали научни заедници, каде што видливоста се гради преку квалитет и континуитет, а не толку преку квантитет.
Дали некој од Вашите научни трудови најде примена во практиката?
- На мое задоволство, голем дел од моето истражување е изразено апликативно и е насочено кон реална употреба. Затоа многу од резултатите или веќе нашле или релативно лесно наоѓаат примена во практика. Во текот на годините сум работел на повеќе проекти со индустриски партнери како Huawei, Emteq Labs, Iskratel и Пакомак, каде што научните решенија директно се тестирале и интегрирале во реални системи. Дел од технологиите успешно транзитираа од лабораториски прототипи кон индустриски и пилот-апликации.
Конкретно, сум работел на создавање системи за препознавање активности и процена на потрошена енергија преку паметни часовници, алки и мобилни телефони; системи за детекција на паѓање со цел зголемување на безбедноста кај постари лица; алгоритми за анализа на физиолошки сигнали и препознавање на стресот; како и системи за препознавање фацијални експресии и емоции со помош на паметни очила.
Истражувате во полето на вештачката интелигенција, дали ги следиме светските трендови и колку таа може да ни помогне?
- Во рамките на научните истражувања на УКИМ, односно на ФЕИТ, се трудиме максимално да ги следиме светските трендови и да бидеме релевантни, особено во потесни и специјализирани области, најчесто преку активно учество на меѓународни истражувачки мрежи, конференции и проекти. Но за посериозен чекор напред, потребни се многу поголеми национални инвестиции во истражување и лабораториска инфраструктура. Сепак, вештачката интелигенција станува сѐ поскапа „играчка“, особено кога станува збор за развој на основни, базични модели, кои бараат значајни ресурси, скапа опрема и долгорочни инвестиции. Меѓутоа, тоа не е случај само кај нас, дури и многу реномирани светски универзитети сѐ потешко го следат темпото, додека големите технолошки компании моментално имаат доминантна улога во развојот на ваквите системи. Во таков контекст, помалите земји и институции мора да бидат стратешки фокусирани. Потенцијалот на вештачката интелигенција е огромен, но без системска поддршка и стратегија, останува делумно искористен.
Дали Македонија е погодна средина за истражувања и иновации?
- Македонија има солидна основа и потенцијал, талент и паметни и мотивирани луѓе. Во тој поглед, човечкиот капитал не е ограничувачки фактор, барем не со оглед на големината на државата. Она што недостига е посилна инфраструктура и поразвиен екосистем кој ќе им овозможи на истражувачите и иноваторите полесно, побрзо и со помал ризик да ги реализираат своите идеи. Потребна е поразвиена стартап-средина, пофлексибилни регулативи за инвестирање, повеќе акцелератори и пристап до инвеститори. Од друга страна, тоа што сме мала земја може да биде предност – овозможува брзо локално тестирање на идеи, прототипи и пилот-решенија, кои потоа можат да се скалираат на глобален пазар. Во последно време се забележуваат позитивни промени и се појавуваат сѐ повеќе иницијативи, но за одржлив напредок сѐ уште треба да се работи. И за крај, можеби е вредна идеја да се размисли за стимулирање на наши истражувачи, професори и докторанди кои работат во странство, со цел нивно потенцијално враќање во Македонија или, барем, продлабочување на соработката со нив. На УКИМ веќе е почната таква иницијатива преку Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања (ЦеНИИс) и солидно функционира.
Преовладува чувството дека јавноста не ги познава доволно научните достигнувања на нашите професори, а ги има многу. Како да се промени тоа, како да стане науката подостапна за младите и талентираните?
- Ова не е проблем специфичен само за Македонија - слична ситуација постои и во поголем дел од Европа. Науката по природа е повнимателна, поскромна и резервирана во комуникацијата, што е и правилно бидејќи не смее да се сведува на сензационализам или „click-bait“ наслови. Во тој контекст, американскиот пристап е малку поинаков бидејќи е повеќе ориентиран кон маркетинг и промоција, дури и во науката. Затоа би рекол дека проблемот не е во квалитетот на науката, туку во начинот на нејзина комуникација со јавноста. Потребна е појасна, постојана и професионална научна комуникација, која ќе биде разбирлива, но и одговорна.
Фото: приватна архива