Првиот хотел инспириран од Хари Потер ќе се отвори во Европа

Првиот хотел инспириран од Хари Потер ќе се отвори во Европа

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ако некогаш сте сонувале да спиете во светот на магијата, напивките и тајните премини, ова се одлични вести. Следната година во Европа ќе се отвори првиот хотел во светот инспириран од Хари Потер, а ќе ги отвори своите врати во одморалиштето „Леголенд Германија“, во баварскиот град Гинцбург, кој се наоѓа на половина пат помеѓу Минхен и Штутгарт. Тоа е проект кој веќе предизвика огромен интерес кај фановите од сите генерации.

Тематскиот хотел е дизајниран како целосно импресивно искуство, во кое гостите нема да бидат само набљудувачи, туку учесници во магична приказна. Ентериерите ќе потсетуваат на луксузните сали на училиштето, старите камени коридори, мистериозните соби и деталите што го евоцираат светот на магијата и фантазијата.


Секоја соба ќе биде декорирана со посебна грижа, а престојот треба да понуди чувство како да сте избегале од реалноста барем за една ноќ и сте стапнале во некаков паралелен свет. Посебна атракција на хотелот ќе бидат  интерактивните елементи, тематската содржина и искуствата приспособени на различни возрасти. Хотелот е првенствено дизајниран како семејна дестинација, но ќе привлече и возрасни обожаватели на Хари Потер кои пораснале со книгите и филмовите и кои сега сакаат да го доживеат овој свет на сосема нов начин.

Сместувањето во рамките на одморалиштето дополнително го збогатува целото искуство, бидејќи гостите ќе имаат можност да ја комбинираат магичната атмосфера со познатите лего-атракции и забава во паркот. Токму оваа комбинација од имагинација, игра и авантура го прави овој хотел уникатен проект на европско и глобално ниво.

Отворањето на првиот хотел инспириран од Хари Потер е уште еден доказ за тоа дека овој волшебнички свет продолжува да биде глобален феномен, без оглед на тоа колку време поминало од последниот филм.

Ако барате идеја за патување кое комбинира носталгија, забава и доза на чиста магија, ова е дестинација која дефинитивно вреди да се стави на вашата листа на желби. Следната година, се чини, Европа ќе добие место каде што имагинацијата навистина станува реалност.

Извор: coverstyle.hr

Фото: Instagram screenshot