Седум земји во ЕУ каде што лесно би добиле дозвола за престој

Седум земји во ЕУ каде што лесно би добиле дозвола за престој

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Дозволата за престој ви овозможува легално да живеете во странска земја подолг временски период, со придобивки како пристап до локални услуги, образование и можности за вработување.

За многумина, тоа е првиот чекор кон градење живот во странство или дури и кон добивање државјанство.

Доколку ги разгледувате опциите, веб-страницата „Глобал ситизен солушн“ состави листа со земји каде што моментално најлесно се добива дозвола за престој.

Водичот ги разгледува програмите како „Златна виза“ и ги анализира поволностите за странски државјани, вклучително и даночни олеснувања приспособени на различни потреби.

Што всушност е дозвола за престој?


Престојот е правен статус што ѝ овозможува на една личност да живее во одредена земја во определен период, најчесто преку дозвола за привремен или постојан престој што треба редовно да се обновува. Тој може да вклучува право на работа и студирање, но не ги носи сите права што ги дава државјанството, како гласање или поседување пасош на таа земја.

Клучни фактори за полесно добивање престој

Постојат многу елементи што треба да се земат предвид, но овие три се најважни:

Брзина на обработка - брзината овозможува преселување без долга неизвесност.

Минимални финансиски барања - земји со пониски прагови на приходи или инвестиции се подостапни за поширок круг луѓе.

Време до постојан престој - пократки периоди (од две до пет години) ја прават земјата поатрактивна.

Европски земји со наједноставни процедури

1. Португалија


Позната по визите Д7 и „златната виза“. Д7 е идеална за пензионери и лица со стабилни пасивни приходи (пензија, инвестиции).

Минимален приход (Д7):
најмалку 870 евра месечно
Физичко присуство: 6 месеци годишно
Време на обработка: околу 60 дена
Постојан престој: по 5 години

2. Шпанија

Визата без право на работа (Non-Lucrative Visa – NLV) е наменета за лица што можат да се издржуваат без вработување во Шпанија.

Минимален приход: 2.400 евра месечно за главниот апликант
Време на обработка: 60 дена
Постојан престој: по 5 години легален престој

3. Грција


Грчката „златна виза“ нуди значајни даночни олеснувања и е една од најповолните во ЕУ.

Минимална инвестиција: 250.000 евра во недвижности
Физичко присуство: не е задолжително
Постојан престој:
се добива веднаш по инвестицијата

4. Малта

Програмата за постојан престој (MPRP) им овозможува на цели семејства долгорочен престој со пристап до квалитетно здравство и образование.

Инвестиција: купување недвижност од 350.000 евра или закуп од 12.000 евра годишно
Време на обработка: 11-12 месеци
Постојан престој: се добива веднаш

5. Естонија

Програмите за дигитална номадска виза и е-резиденција се наменети за технолошки ориентирани работници што работат од далечина.

Минимален приход: месечен бруто-приход од 4.500 евра
Време на обработка: 15-30 дена
Постојан престој: по 5 години привремен престој

6. Летонија

Летонската „златна виза“ овозможува безвизно патување низ шенген-зоната и пат кон пасош на ЕУ.

Минимална инвестиција: 250.000 евра во недвижности или 50.000 евра во бизнис
Физичко присуство:
еднаш годишно
Време на обработка: 2-3 месеци

7. Унгарија

Новата „златна виза“ на Унгарија нуди десетгодишна дозвола за престој со вложување во државни фондови за недвижности.

Минимална инвестиција: 250.000 евра во државен фонд
Време на обработка: само 21 ден
Постојан престој: по 3 години легален престој

Пред да донесете конечна одлука, важно е детално да ги проверите актуелните закони бидејќи имиграциските политики во ЕУ често се менуваат со цел усогласување со нови безбедносни стандарди.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik