Дали навистина користиме само 10 отсто од мозокот?

Дали навистина користиме само 10 отсто од мозокот?

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Митовите се навистина забавни и иако не ги разбиваме бидејќи некако ни одговараат на потребите, реалноста зад нив може да е изненадувачки различна од она што веруваме дека е вистина.

Тврдењето дека дури и Ајнштајн користел 5 отсто од неговиот мозок звучи како добар изговор за повеќето луѓе со просечна интелигенција да не вложуваат многу труд. Што мислите?

Митот за тоа дека користиме само 10 отсто од мозокот можеби се јавил на почетокот на 21 век кога неврохирургот Карл Лeшли отстранил делови од мозоци на глувци и открил дека може да ги оштети областите од церебралниот кортекс додека глувците и понатаму точно ги завршувале задачите и се однесувале нормално.

Или, според некои верувања, митот го проширил новинарот Ловел Томас во неговиот предговор за книгата „Како да стекнете пријатели и да влијаете врз луѓето“ од Дејл Карнеги. Основата на неговата процена е „Теоријата за зачувана енергија“ од Вилијам Џејмс, кој правел истражувања на одделот за психологија на Универзитетот „Харвард“ во 90-тите години на 19 век. Томас погрешно го цитирал американскиот психолог, наведувајќи дека просечно лице „развива само 10% од латентната ментална способност“. Всушност, Џејмс пишувал погенерално за нашата „латентна ментална енергија“.

Со текот на годините, резултатите од некои студии за мозокот довеле до уште повеќе митови за ова лажно тврдење и луѓето често ги интерпретираат нештата на начин кој им одговара. Сепак, денес има многу поиздржани извори кои докажуваат дека користиме 100 отсто од мозокот, а не само 10 отсто.

Генетичарите велат дека органите што не ги користиме со текот на времето стануваат дисфункционални. Нашиот мозок не може да е исклучок на ова правило. Дополнително, дури и мало оштетување на мозокот може да предизвика болести кои го погаѓаат целото тело, покажувајќи колку е важно нашиот мозок да функционира како целина.

Така што, одговорот на нашето прашање е: Не! Не само што сме способни да го користиме целиот мозок, туку и мораме да го правиме тоа за да функционираме како здрави луѓе.

Извор: Interesting Engineering