Кафуле во Токио им забрани влез на лица постари од 39 години

Кафуле во Токио им забрани влез на лица постари од 39 години

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Иако минималните возрасни ограничувања се вообичаени за места кои послужуваат алкохол, горни граници на возраст се реткост.

Затоа едно кафуле во Токио стана вест по воведувањето „мека забрана“ за постари гости. Пред влезот се појави знак на кој пишува: „Влез за гости на возраст од 29 до 39 години. Ова е кафуле за генерации помлади од 40 години“. Постојат неколку исклучоци, па постарите гости можат да влезат ако барем едно лице од групата има 39 или помалку години.

Пријателите или семејството на вработените, како и деловните партнери на кафулето, се изземени од ограничувањето.

Покрај тоа, бидејќи мерката не може законски да се спроведува, лицата над 40 години можат да бараат влез доколку сакаат. Персоналот на кафулето ќе проверува дали гостите се во „соодветна состојба“ (не е јасно дали се однесува на облека или ниво на алкохол) и дали се задоволни со атмосферата на кафулето.

„Постарите гости обично се жалат“


Вработените објаснуваат дека горната граница на возраст наводно е воведена за атмосферата да одговара на вкусот на помладата публика.

- Нашата клиентела е главно млада. Постарите гости често се жалат дека кафулето е бучно, така што одлучивме да го ограничиме влезот за сите да бидат задоволни - вели Тошихиро Нагано, претставник на кафулето.

„Зони без постари лица“ во Јужна Кореја


Практиката на ограничување на влезот за постари гости веќе е вообичаена во соседна Јужна Кореја.

Во Хонгде, универзитетската област на Сеул, многу клубови и пабови со подови за танцување имаат неофицијални горни граници на возраст за лица над 30 години, а некои дури и за 28 или 25 години.

Исто така, многу спортски центри и кафулиња вовеле „зони без постари“, наведувајќи дека постарите клиенти не се во согласност со нивната атмосфера.

Овие мерки најчесто се однесуваат на лица над 70 години.

Извор: Euronews.com
Фото: Hanvin Cheong