Кина планира да гради центри за податоци за вештачка интелигенција во вселената
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во наредните пет години Кина планира да воспостави центри за податоци за вештачка интелигенција во вселената. Главниот кинески снабдувач за вселенска технологија, Кинеската корпорација за вселенска наука и технологија (CASC), најави дека ќе изгради вселенска дигитална инфраструктура со капацитет од најмалку еден гигават, според петгодишниот план за развој.
Новите вселенски центри за податоци ќе имаат цел да постигнат длабока интеграција на компјутерската моќ, капацитетот за складирање и преносот на податоци, така што информациите од Земјата ќе можат да се обработуваат директно во вселената.
Пекинг планира да го префрли енергетски интензивното процесирање на вештачката интелигенција во орбитата околу Земјата, користејќи соларни центри со моќност од најмалку еден гигават, со цел до 2030 година да создаде „вселенски облак“ од индустриски размери.
Исто така, планот на CASC предвидува во наредните пет години постепен развој на туризмот во орбитата околу Земјата.
Овие планови следуваат по отворањето на Првата школа за меѓуѕвездена навигација при Кинеската академија на науки, која треба да образова нова генерација вселенски таленти, сигнализирајќи ги амбициите на Кина да премине од операции во ниска орбита кон истражување на длабоката вселена.
Трка со „Спејс екс“
И американската компанија „Спејс екс“ планира да воспостави центри за податоци во орбитата за да ги надмине енергетските ограничувања на Земјата. Компанијата планира да обезбеди средства преку почетна јавна понуда на акции до крајот на годината.
„Спејс екс“ планира да лансира сателити за ВИ-центри за податоци на соларен погон во наредните две-три години, изјави Илон Маск на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
- Изградбата на центри за податоци со соларен погон во вселената е логична, вселената ќе биде најевтиното место за поставување на ВИ, а планот ќе биде реализиран во наредните две-три години - рече Маск и додаде дека соларната енергија во орбитата може да произведе петпати повеќе енергија отколку панелите на Земјата.
Ракетата за повеќекратна употреба „Фалкон 9“ ѝ овозможила на „Старлинк“ да изгради речиси монополска позиција во сегментот на сателити во ниска орбита, а се користи и за вселенски туризам.
Извор:
24sata.hr
Фото: Screenshot/YouTube