„Тесла“ го прекинува производството на моделите „S“ и „Х“ за да се фокусира на роботи

„Тесла“ го прекинува производството на моделите „S“ и „Х“ за да се фокусира на роботи

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Многу неочекувани вести доаѓаат од „Тесла“ – компанијата која стана еден од најголемите светски производители на електрични автомобили ќе исфрли два од своите четири модели. Колку и да е необично, има потврда за оваа информација: моделите „S“ и „X“ повеќе нема да се произведуваат, па во понудата ќе останат само моделите „3“ и „Y“, кои секако се продаваат повеќе.

Збогум на автомобилите, пристигнуваат роботите

Прекинувањето на производството на половина од асортиманот е последица на промената на фокусот на компанијата, која сега ќе ги посвети своите развојни и производствени капацитети на хуманоидни роботи.

Од компанијата велат дека нивниот план е да ја претстават третата генерација на „Оптимус“ во текот на првиот квартал од оваа година, а тоа ќе биде робот со дизајн подготвен за масовно производство. Почетокот на производството е планиран кон крајот на годината, а капацитетот ќе биде еден милион роботи годишно во фабриката во Фремонт, Калифорнија.

Ова е продолжение на планот започнат во 2025 година, според кој „Тесла“ ќе премине од бизнис со хардвер во компанија што ќе се занимава со физичка вештачка интелигенција.

Дали прекинувањето на производството на автомобили во корист на хуманоидни роботи ќе го зголеми водството на Илон Маск или ова ќе се покаже како голем неуспех - пазарот на крајот ќе одлучи. Првите реакции од берзата се позитивни, па цената на акциите на „Тесла“ се зголемила околу 2 % во првите часови по објавувањето на финансиските резултати и оваа голема одлука.


Финансиски резултати

И покрај тоа што ги надмина процените на аналитичарите за четвртиот квартал од 2025 година, „Тесла“ ја заврши годината со прв пад од 3 % во вкупните годишни приходи. Приходите паднаа на 94,8 милијарди долари од 97,7 милијарди долари една година претходно. И покрај негативниот тренд, акциите пораснаа во тргувањето по затворањето на берзата, првенствено затоа што кварталните бројки ги надминаа конзервативните процени на аналитичарите.

Вкупните приходи за последните три месеци достигнаа 24,9 милијарди долари, малку над процената од 24,79 милијарди долари. Сепак, подлабоката анализа покажува дека приходите од автомобилската индустрија се намалиле за 11 % во последниот квартал, од 19,8 милијарди долари на 17,7 милијарди долари, што укажува на сериозно забавување на основната дејност на компанијата - резултат на политичкиот ангажман на Маск, како и на растечката конкуренција.

Новото стратешко поместување кон „физичка вештачка интелигенција“ треба да создаде нови извори на приходи со високи маржи на долг рок. Покрај тоа, беше објавено дека „Тесла“ ќе инвестира две милијарди долари во стартапот „xАИ“ на Маск, со цел да развие софтвер за „Оптимус“.

Извор: autonet.bug.hr

Фото: YouTube screenshot