Спиењето на отворено, пред илјадници минувачи, во некои земји е култ, вели Игор Христов, режисер и фотограф

Спиењето на отворено, пред илјадници минувачи, во некои земји е култ, вели Игор Христов, режисер и фотограф

Подготвил: Весна Дамчевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Фотографската изложба на Игор Христов - „Спијачите спијат, сонуваат само сонувачите“ може да ја погледне публиката во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија, а пролетва ќе имаат можност да ја видат и скопјани. Оваа документарна фотоизложба се состои од 20 дела, создадени во три земји: Тајланд, Перу и Еквадор. Темата што ја обработуваат фотографиите има социјален карактер и прикажува луѓе што спијат во јавна околина, по улици, пазари, паркови, автобуски постојки...

Игор Христов, роден во 1982 година во Скопје, е филмски режисер и пасиониран фотограф. Како тинејџер завршува курс по фотографија во „Народна техника“, во 2003 година се запишува на Националната академија за филм во Софија, Бугарија, насока филмска и телевизиска режија. Како студент имал можност да сними три кратки филма на 35-милиметарска лента кои учествувале на многубројни филмски фестивали. Неговите кратки филмови се наградувани во Јапонија ,Кина, Полска, Чешка, Шпанија, Турција. Ова е негова прва самостојна фотоизложба.

Вашата фотографска изложба „Спијачите спијат, сонуваат само сонувачите“ е отворена деновиве во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија. Провокативен наслов. За што поточно се работи?

- Оваа фотографска изложба се состои од 20 фотографии на карактери што спијат на јавни места, тротоари, паркови, пазари. Оттука и насловот е провокативен и има цел да го замисли гледачот во кој тип спијачи спаѓа. За да ги направам овие фотографии, ме инспирира храброста на тие случајни сонувачи да си го отпуштат телото и удобно да се наместат пред илјадници минувачи и слатко да потонат во друга реалност. Тие спаѓаат во групата сонувачи, а не спијачи.



Оваа фотодокументарна приказна опфаќа неколку земји, една азиска, Тајланд, и две јужноамерикански, Перу и Еквадор. Што им е заедничко?

- Заедничкото им е тоа што и на двата континента спиењето на отворен простор, надвор од комфорната зона, е некаков вид култура. Дури можам да кажам дека е вид култ. Може да се работи за спиење во време на сиеста во Латинска Америка или дремка по јадење во Тајланд. Тоа што ми остави најголем впечаток е што луѓето и во трите земји немаат никакви стравови, лесно им е да се опуштат и да сонуваат каде било. Во исто време сите овие херои имаат многу карактеристики што ги прават да изгледаат слично во овие земји. Не можеш точно да кажеш кој лик на фотографијата е од Азија, а кој од Латинска Америка. Имаат доста слични црти, особено додека спијат.

Од толку работи што може да се забележат низ светот, како Ви падна на памет да ја обработите токму оваа тема, луѓе што спијат на јавен простор?

- Беше спонтано, немав конкретна тема и тргнав на тие патувања само опремен со фотографска техника, барајќи евентуално нешто што би ми било интересно. И не беше тешко да се забележи овој културен феномен, буквално насекаде има лица што дремат или се испружиле хоризонтално на места што им се виделе удобни, слатко затворајќи ги очите пред реалноста, која честопати е сурова. Понекогаш ми изгледаа како да ми позираат, секој сонувач ми изгледаше како уличен артист, а неговиот сон - шоу. Имам направено 200 фотографии, не беше лесно да се изберат само дваесет за изложбата.



Го искусивте ли и Вие спиењето некаде надвор за од лично искуство да раскажете како се потонува во друга реалност пред очите на другите, додека тие наоколу не спијат?

- Интересно прашање, сега кога ќе се замислам, секако дека сум се нашол во таква ситуација, имајќи го предвид мојот номадски порив. Тоа сигурно било по некои автобуски постојки или во паркови, патувајќи од град во град. Всушност, секогаш кога ќе најдев некоја шарена сенка за да дремнам или да посонувам малку. Тоа ми беше дел од ритуалот на секое патување.

Отсекогаш ми бил фасцинантен феноменот на сонување, а Вам?

- Потсвесното и мене отсекогаш ми било интересно. Се фатив сега, обработувајќи ја оваа тема, дека од вкупно девет краткометражни филма што сум ги направил досега, во шест има сцени со спиење, сонување или будење. Сонот е своевидна уметност. Секој од нас сонувајќи, несвесно гради едно уметничко дело со карактери, детали, ситуации, исто како и поетот или филмскиот режисер.



Се сметате за спијач или за сонувач?

- Лично се сметам за буден сонувач. Сонот е еден вид магија или средство за бегство од реалноста.







Интересна ми е темата на Вашата магистерска под наслов „Естетиката на магичниот реализам во киното“. Со што се занимававте во обработката?

- Ја одбрав оваа тема затоа што таа нуди многу можности за проучување. Магичниот реализам е правец во литературата, но многу дискретно неколку режисери ја обработуваат оваа естетика и во киното. Решив да направам тотална дисекција на неколку филма и автори со цел да предочам дека е можно наскоро да се роди нов жанр во светската кинематографија.

Зад себе имате низа успешни кратки филмови. Снимате ли нешто во моментов? И дали можеби долгометражна форма е на повидок?

- Во моментов довршувам еден документарен проект и сме во фаза на постпродукција. Инаку, имам една идеја и веќе подготвен проект за игран филм што ја чека својата шанса,  но прво контакти со продуцентите и потоа барање поддршка од разни фондови.