Студенти во Амстердам се подготвуваат за испити додека музичари им свират класична музика
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Од сцената на концертната сала во Амстердам, виолинистката Хјунџин Чо и виолончелистката Ефстратија Халулаку набљудуваат редици млади лица осветлени од сјајот на екраните од нивните лаптопи.
На црвените кадифени седишта во главната сала на „Концертгебау“ седат студенти кои се подготвуваат за претстојните испити и ги завршуваат своите трудови додека класичната музика ја исполнува салата.
Студентите не се непристојни со тоа што ги игнорираат музичарите. На овој настан тие всушност треба да учат, а музиката е наменета да им помогне.
Сесиите за учење првпат беа организирани за време на ковид-пандемијата од страна на „Ентре“, младинското здружение на „Концертгебау“, со цел да им помогнат на студентите да ја подобрат концентрацијата и да се запознаат со убавините на класичната музика. Оттогаш тие бележат голем успех.
За време на една од неодамнешните сесии, музичарите го свиреа „Канон во Де-дур“ од германскиот композитор Јохан Пахелбел, потоа дела од Хендл и Шуберт, па дури и малку филмска музика од анимираните филмови на студиото „Гибли“. Звуците го исполнуваа просторот чии ѕидови се украсени со позлатени имиња на познати композитори, од Равел до Малер, од Вагнер до Моцарт.
Музиката ѝ помогна на 21-годишната Кира Мулдер да се задлабочи во проектот за својата дипломска на Универзитетот за применети науки во Амстердам.
- Всушност, многу смирува и помага во концентрацијата, што ме изненадува бидејќи вообичаено не слушам класична музика - вели Мулдер.
Додека музичарите свиреа, во концертната сала влегуваа уште студенти, некои носејќи кафе заедно со своите компјутери и книги. Натписите во просторот ја нудат лозинката за бесплатниот безжичен интернет. Билетот за оваа сесија чини 2,50 евра.
- Тоа е еден од многуте начини да привлечеме помлада публика во „Концертгебау“. И тоа е толку инспиративно место за учење со одлична музика во ова прекрасно опкружување - рече генералниот директор Симон Рејнинк.
Тој се надева дека настанот ќе им помогне на студентите во учењето, но и дека ќе ја инспирира новата генерација да ја цени класичната музика и да ѝ се враќа.
- Тоа е начин да ја поттикнеме помладата публика да го открие „Концертгебау“ и се надеваме дека ќе бидат воодушевени и ќе се вратат - додава Рејнинк.
Извор:
021.rs
Фото: Freepik