Нема државна матура, учениците не се враќаат во школските клупи

Нема државна матура, учениците не се враќаат во школските клупи

Се укинува државната, училишната матура, завршниот испит за оваа година, учениците од основните и средните училишта до крајот на училишната година не се враќаат во клупите. Уписите за првачињата ќе се одржат во јуни. Ова се дел од новите мерки усвоени од Владата, кои предмалку ги соопшти министерот за образование и наука Арбер Адеми

Сите ученици од завршните години во средните училишта се ослободуваат од полагање. Ќе добијат диплома за завршено средно образование, која ќе има важност како и дипломите издадени во изминатите учебни години. Сакаме да им го елиминираме стресот од подготовка на завршниот испит и да се посветат на својот избор за високо образование, посочи Адеми.

За уписи на факултет за прв циклус на студии ќе може да се запише лице кое положило државна матура заклучно со 2018/2019 година, лице што завршило средно школо пред воведување државна матура, како и лице што завршило во тековнава година.

Владата донесе мерки за продолжување на важноста на студиските програми во три степени, чија акредитација престанала во академската 2019/2020 и тоа за уште една дополнителна година. 

Нема измени во исплатата на парични надоместоци по основа на стипендија, финансирање објава и научни трудови, а ќе биде распишан повик за покривање трошоци за основци и нивните ментори за учество на меѓународните натпревари. 


Адеми најави континуирано обезбедување наставен кадар. На сите наставници што до денот на прогласување на вонредната состојба биле ангажирани со договори на определено, работниот однос им се пролонгира до крајот на учебната година, а ќе се понуди соодветна замена за секое испразнето работно место.

Ниту едно училиште нема да биде оставено без раководни структури. Донесена е одлука за продолжување на истечените мандати на раководните лица.