Прогласена е за најдобра земја за живот, а граѓаните се мачат да врзат крај со крај
Сè повеќе граѓани на Швајцарија едвај врзуваат крај со крај, и покрај тоа што живеат во една од најбогатите земји во светот, која е прогласена и за најдобра за живот.
Комбинацијата од високи кирии, поскапување на здравственото осигурување и стагнација на платите доведе до тоа голем дел од населението на Швајцарија повеќе да не може ништо да заштеди, а некои едвај преживуваат од плата до плата.
Според големото истражување на весникот „Блик“, во кое учествувале повеќе од 7.000 луѓе, ситуацијата е алармантна. На речиси една третина од испитаниците, откако ќе ги платат сите фиксни трошоци, им остануваат помалку од 500 франци (околу 500 евра) месечно, додека на 13 отсто не им останува ништо. Само нешто повеќе од четвртина од граѓаните успеваат да заштедат повеќе од 3.000 франци месечно.
- Работам со полно работно време, мојата девојка работи 20 отсто од работното време. Со три деца, секој месец имам сè помалку пари за живот бидејќи сè поскапува. Платите повеќе не растат - вели Матијас Рајман.
- За да го издржувам семејството, прифатив дополнителна работа. Инаку не би можел да ги плаќам даноците, ниту здравственото осигурување - вели Енгин Харун.
На некои здравствените проблеми дополнително им ја отежнуваат ситуацијата.
- Се иселив пред девет години. Повеќе не можам да си дозволам живот во Швајцарија - вели друг жител на Швајцарија.
Многумина го гледаат иселувањето како единствено решение. Додека едни едвај преживуваат, други сè уште успеваат да заштедат, но нивниот број е сè помал.
Швајцарија, која со децении беше симбол на благосостојба и стабилност, сè повеќе станува земја во која обичните граѓани чувствуваат дека повеќе не припаѓаат.
Растот на цените на кириите и на здравственото осигурување најтешко ги погодува семејствата со пониски и средни примања, а сè погласни се повиците итно да се преземе нешто пред социјалната слика на земјата дополнително да се влоши.
Извор:
Nova.rs
Фото: Magnific