Првиот автономен рудник на светот - робот-куче ги надгледува камионите и дупчалките

Првиот автономен рудник на светот - робот-куче ги надгледува камионите и дупчалките

Компанијата „Маријана минералс“, предводена од извршниот директор Тарнер Колдвел, управува со првиот автономен рудник на светот. Рудникот се наоѓа во Јута и во него се преработува бакар за да се задоволи растечката побарувачка за овој скап метал.

Тарнер Колдвел смета дека следната голема примена на вештачката интелигенција нема да биде уште еден чет-бот, туку рудник за бакар.

Неговиот стартап „Маријана минералс“ управува со првиот автономен рударски погон на светот во својот рудник Копер Ван. Таму автоматизирани дупчалки го вршат копањето, големи роботски камиони ја носат рудата на обработка, а платформа со вештачка интелигенција управува со целокупната операција. Компанијата го користи и роботското куче Спот на компанијата „Бостон дајнамикс“, опремено со сензори, за патролирање на локацијата од 10.000 акри и инспекција на условите.

Намалување на трошоците

За неколку години компанијата би можела да остварува стотици милиони долари приходи, како од рудникот за бакар во Јута така и од посебниот погон за преработка на литиум во Тексас. Планира да го добива овој минерал од отпадните води на нафтените полиња.

- Ова ќе биде првиот рудник со целосна автономија од почеток до крај. Кога го набљудуваме потенцијалот на автономното копање руда и преработката, гледаме можност за намалување на трошоците за преработка за 30 %, како и намалување на трошоците за копање од 40 до 50 % - вели Колдвел за Форбс.


 
Проблем со работната сила

Бакарот е насекаде – во електрониката, електричните инсталации, батериите, водоводните системи и индустриската опрема, и е скап, чини околу 13.000 долари за тон. Соединетите Американски Држави произведуваат дел од потребниот бакар, но увезуваат приближно половина, главно од Чиле и Канада, додека голем дел од таа руда се преработува во Кина. Компанијата  „Маријана“, со седиште во Сан Франциско, собра 100 милиони долари инвестиции и планира на локацијата во Јута да преработува отпаден бакар, со цел до 2030 година да произведува 50.000 тони рафиниран бакар годишно, од нови и рециклирани извори.

Рудникот што „Маријана“ го купи кон крајот на минатата година претходно работеше под името „Лизбон Вали мајнинг компани“, но беше затворен во 2024 година поради зголемените трошоци и проблемите со наоѓање работна сила.

- Достапноста на работна сила во овие региони може да биде предизвик. Токму тука автоматизацијата може да има најголемо влијание. Ако работната сила не постои или е прескапо да се ангажира во овие региони, автономијата е очигледно решение - вели Тарнер.

Извор: forbs
Фото: принтскрин/видео