Шефот на НАСА сака Плутон повторно да биде планета
Шефот на НАСА, Џаред Ајзакмен, повторно ја отвора астрономската дебата која се сметаше за заклучена пред две децении - дали Плутон треба да се смета за планета? Својот став го изнесе на сослушувањето во американскиот Сенат - порачувајќи дека силно ја поддржува таа идеја, пишува Футуризам.
- Апсолутно сум во таборот кој се залага Плутон повторно да стане планета - изјави Ајзакмен. Притоа навести дека НАСА моментално работи на одредени документи за повторно да ја поттикне оваа дебата. Целта е да се осигури дека Клајд Томбо ќе го добие признанието што некогаш го имал и кое заслужува повторно да го добие, посочувајќи на американскиот астроном кој во 1930 година го откри Плутон.
Одлуката ја подели јавноста
Статусот на Плутон беше променет во 2006 година кога Меѓународната астрономска унија официјално дефинира што се смета за планета со помош на три клучни критериуми. Според таа дефиниција, небесното тело мора да кружи околу Сонцето, да биде доволно масивно за неговата гравитација да го обликува во сфера и мора да го „исчисти своето соседство“, што значи дека во својата орбита нема да има други објекти со слична големина.
Плутон не го задоволи третиот критериум и беше рекласифициран во џуџеста планета, еден од петте такви официјално признати објекти во Сончевиот Систем. Неговиот дијаметар од околу 2.400 километри е едвај половина од ширината на САД. Одлуката предизвика контроверзии во јавноста и многумина сметаа дека Плутон е неправедно деградиран.
Се создаде перцепција дека се вмеша бирократијата за непотребно да го промени сфаќањето на нашиот Сончев Систем, сведувајќи ја некогаш омилената планета на астрономска фуснота.
Научниците главно се скептични
Но, многу астрономи ја поддржуваат одлуката од 2006 година и не се задоволни што шефот на НАСА повторно ја покренува дебатата.
- Иако администраторите на НАСА можат да бидат носталгични за деновите кога Плутон беше планета, вистинските научници што работат на терен ќе продолжат да се обидуваат да ги објаснуваат и класифицираат објектите во Сончевиот Систем на начин кој навистина ни помага да го разбереме светот во кој живееме - изјави Мајк Браун, професор по планетарна астрономија на Калифорнискиот институт за технологија.
Слично мислење има и Бил Мекинон, директор на Центарот за вселенски науки на Универзитетот „Вашингтон“ во Сент Луис, кој дебатата ја нарече „губење време“.
- Секако дека Плутон е планета, но тоа е џуџеста планета, подвид на планета. Се чини дека дебатата се врти околу тоа дали некои сакаат да кажат дали џуџестите планети воедно се и планети или не - рече тој.
Фото: НАСА