„За перика се фаќаат врски, се прават притисоци, се јавуваат во еден по полноќ...“, вели Сашка Кузманова, која хуманитарно ги изработува за болни луѓе

„За перика се фаќаат врски, се прават притисоци, се јавуваат во еден по полноќ...“, вели Сашка Кузманова, која хуманитарно ги изработува за болни луѓе

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Не им замерувам, околината нѐ учи да се навикнуваме на таквите „закани“. Фаќаат и врски, но и покрај „врските“ тие не добиле и нема да добијат перика. Се случува секојдневно да ми се јавуваат и да ми велат „ајде, ајде до каде сме“. Јас сето тоа го разбирам и знам дека им се брза, но јас работам сама. Некогаш има недостиг на материјали, како што напоменав, мораме да чекаме, едноставно не зависи сѐ до мене, ни споделува Сашка Кузманова

Сашка Кузманова изработува перики од природно влакно. Можеби е единствената кај нас што сѐ уште се занимава со моделирање перики. Но она што ја издвојува е што таа ги донира периките на оние на кои им се најпотребни, на болните жени од рак кои не можат да си дозволат да ги купат затоа што се скапи и не се толку достапни кај нас. Периките се подаруваат транспарентно, односно низ цела Македонија, и нејзината мисија продолжува понатаму.

Иако е голем хуманист и нејзината работа досега израдувала многу онколошки пациенти, таа се соочува со многу незадоволства, барање перика преку ред, фаќање врски, добива разни забелешки за периките, а понекогаш дури и закани.



- Секоја работа со своја тежина. Уште на самиот почеток ми беше јасно со што сѐ ќе морам да се справувам. Сакајќи да им угодам на сите, сама си предизвикував поголем стрес. Имаше ситуација каде што ми беше побарана перика во друга боја, па јас трчав, ја фарбав каква што побараа. Имаше и коментари од типот: „Не сакав ваква перика - се премислив“. „Па требаше да ми ја навиткаш“... Дури и во 3 по полноќ ми ѕвонеа. Ама сето тоа е минато, кажав стоп! Да, јас изработувам перики, но да не се претерува и злоупотребува сето тоа. Едноставно треба да цениме кога некој ќе ни подаде рака во тежок момент од животот - ни сподели Сашка.

„Ајде една перика, знаеш ли која сум јас“


Нејзината работа е благородна, но има луѓе кои сметаат дека треба да употребат закани, врски, погрдни зборови, да поминат преку ред и да дојдат до подарена перика за која се потребни време, трпение, внимателност, темелност.



- Кај мене не поминуваат врските и заканите. Треба да сте човек без душа и срце, па да се дрзнете да му се јавите на некој во еден по полноќ, да му викате и да му кажувате: „Ајде една перика, знаеш ли која сум јас. Побрзо да ја средиме мојата - ми е гајле за другите“ итн. Првично кога ќе ви заѕвони така телефонот, доцна навечер, помислувате на многу работи. Не ни очекувате дека некој ќе ви вика или укажува кој/а е. И притоа не секогаш е онколошки пациент. Едноставно, не им замерувам, околината нѐ учи да се навикнуваме на таквите „закани“ - само упатувам порака „пробај и биди човек“. Фаќаат и врски, но и покрај „врските“ тие не добиле и нема да добијат перика. Се случува секојдневно да ми се јавуваат и да ми велат „ајде, ајде до каде сме“. Сето тоа го разбирам и знам дека им се брза, но јас работам сама. Некогаш има недостиг на материјали, како што напоменав, мораме да чекаме, едноставно не зависи сѐ до мене. Но, сите сме луѓе, сите грешиме. Човечки е да се прости и да не им се замерува. Едноставно тргам сѐ настрана и продолжувам со позитивни мисли - раскажува Сашка.

Сила и мотив ѝ даваат пациентите што ќе оздрават


Сила и мотив ѝ даваат многуте насмевки, многуте оздравени пациенти, добива премногу пораки во знак на благодарност, во знак на огромна поддршка како од граѓаните на Македонија така и од пошироко!

- Најемотивниот дел е моментот кога треба да ја подарам периката и да се стави на главата на пациентот! Е тогаш ми поминуваат милион мисли, од една страна сум со милион прашалници, дали ќе одговара периката, дали ќе му се допадне, а од друга страна сум пресреќна дека некој повторно ќе биде среќен. Откако ќе се стави периката, тие неколку секунди додека се погледне во огледало за мене траат бесконечно! Но, кога ќе се стрча да ме гушне, е нема поубаво чувство. Тогаш срцето ми е преполно, некој се насмевнал, а токму јас сум причината за таа насмевка - ни споделува Сашка.



Гордо кажува дека во Македонија има многу хумани граѓани, а и надвор од неа, кои секојдневно ѝ донираат и сакаат да донираат коса.

- Начинот на донирање е едноставен и има само еден услов - косата треба да биде врзана во опавче или плетенка и да е со должина од 25 см па нагоре. Може и природна, но може и фарбана коса бидејќи голем дел од пациентите се фарбаат, па за да не ја оштетуваме природната, почнав да собирам и фарбана коса. Јас сум личност која секојдневно добива различни идеи, така што секој ден за мене е нов предизвик. Еве еден пример, скоро имав пациентка која секогаш ја шатирала природната коса. Па сакаше да е скоро иста. Ѝ реков дека ќе пробаме. Добив идеја да не ја оштетуваме косата, туку измешав три нијанси на природна коса и периката дојде како шатирана. Кога девојката ја виде, се зачуди. Остана без зборови. А исто и јас. Не очекував дека од неколку опавчиња ќе можам да добијам баш таква перика. Девојката беше пресреќна, а моето срце преполно - со радост ни зборува Сашка.

Моментално изработува за настраданите во Кочани

За да се изработи една перика, процесот е сложен. За изработка на перика не е потребна само коса, потребни се и материјали кои се набавуваат надвор од Македонија и некогаш се чекаат и до 20 дена. А освен материјалите, за изработка на една перика потребни се од 7 до 12 опавчиња коса, во зависност од густината на косата.

- Моментално изработувам осум перики, од кои седум се за девојчиња што настрадаа во пожарот во Кочани и за една млада мајка, онколошки пациент. Периките се скоро готови. Потоа почнувам со нови дела за нашите онколошки пациенти - додава нашата соговорничка.



Секој онколошки пациент слободно може да ја исконтактира на нејзиниот фејсбук-профил Сашка Кузманова.

- Периките ги давам според список, доколку имам перика во моментот и одговара, ја нудам таа. Доколку не, си ги запишувам, кога ќе дојде ред за нив, се договараме за време и ден за земање мерки, кажувам временски период од-до и моментот за добивање на периката.
На луѓето што донираат коса би им кажала едно огромно благодарам. Засега имам доволно, па секој што сака да донира може да ја причува и да ме исконтактираат кон крајот на август. Во моментот најголема поддршка имам од граѓаните. Но, како што кажав, тоа не е доволно, затоа ги поканувам јавно сите фирми/компании што сакаат да подадат рака, да се вклучат во оваа хумана работа и заедно да насмевнеме многу пациенти. За некого можеби тоа е малку, но верувајте дека за некого значи премногу - подвлекува Сашка.



Фото: приватна архива