Што подразбира новиот систем за влез во ЕУ и како ќе се применува?

Што подразбира новиот систем за влез во ЕУ и како ќе се применува?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Земјите на Европската Унија неодамна го одобрија европскиот систем за патни информации и одобрување (ЕТИАС), кој треба да се воведе во мај 2023 година, а според кој ќе се плаќаат 7 евра за влез во ЕУ.

Што е ЕТИАС?

Од 2023 година сите државјани на земји што не се членки на ЕУ, а на кои не им треба виза за патување во земја која е членка, ќе треба да поднесат барање за одобрување на патувањето. Меѓу државите што ќе треба да го пријавуваат патувањето во ЕУ е и Македонија.


Фото: Pixabay

ЕТИАС не е виза, туку процедура со која ЕУ планира да ги контролира патниците како одговор на глобалниот пораст на терористички и криминални активности. Процесот за пополнување треба да трае помалку од 10 минути, а над 95 отсто од пријавите автоматски ќе бидат одобрени.

Колку ќе чини?

Одобрувањето за патување во ЕУ ќе чини 7 евра по лице. Тоа ќе важи 3 години и ќе се однесува на неограничен број патувања во тој период. Доколку пасошот истекува порано, одобрувањето ќе важи до датумот на истекување на пасошот. Правилата за максимални 90 дена непрекинат престој во ЕУ остануваат во сила. Одобрувањето ќе важи за сите земји на ЕУ, без разлика на местото на влегување.

Патниците помлади од 18 години и оние постари од 70 години нема да плаќаат за одобрувањето. Се советува пријавување најмалку 96 часа пред тргнувањето на патувањето. Доколку од патникот се бараат дополнителни документи, времето за обработка може да трае до четири недели.


Фото: Pixabay

Доколку барањето е одбиено, патникот има право на жалба. За плаќање ќе се прифаќаат дебитни и кредитни картички. Патниците што имаат двојно државјанство и пасош од земја од ЕУ нема да мора да пополнат пријава за ЕТИАС.

Што е потребно за онлајн формуларот?

За пријавата ќе бидат потребни податоци од биометриски пасош, дигитална фотографија, податоци за државата во која се патува, а се пополнуваат и прашања за здравствената состојба, претходни имиграциски патувања и кривично досие или употреба на дроги на патникот. ЕТИАС нема да бара податоци за вакцина или прележување на ковид-19.

Дозволата за патување не мора да се печати по одобрувањето.

Фактори за одобрување

Апликациите автоматски ќе се обработуваат врз основа на три фактори. Ќе се проверува дали идентитетот одговара на пасошот, дали деталите во пасошот одговараат на другите информации во формуларот и дали станува збор за исправен пасош, како и дали одговорите на основните прашања одговараат со податоците во базата на податоци на ЕУ.

Извор: Grcka info