Летото е одлично време за заштита на вашиот слух

Летото е одлично време за заштита на вашиот слух

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Симфонијата на летото е во тек: зуење на косилки за трева, звук на црцорци, врескање на деца, концерти на отворено и огномети. Летните задоволства често допираат до нас преку нашите уши. Но, заштитата на нашиот слух често е нешто на кое помислуваме подоцна, ако воопшто и помислиме на тоа. Добро е да одвоите момент за да ги цените звуците во вашиот живот.

- Луѓето брзо ќе ја наведат омилената боја, но омилените звуци не се секогаш толку очигледни - вели аудиологот Деана Мајнке од Универзитетот „Северен Колорадо“ во Грили.

За да ги поттикне луѓето да размислат повеќе за својот слух, Мајнке собира богатство од омилени звуци на луѓето: детска смеа, дожд кој паѓа на покрив, ветер низ дрвјата, чукање на срцето на саканата личност, животински звуци, музика.

- Ги заштитуваме работите што ги цениме. Затоа мора да ги натераме луѓето да го ценат својот слух - додава таа.

Како што старееме, губењето на слухот е донекаде неизбежно, вели Френк Лин, оториноларинголог и епидемиолог на Универзитетот „Џонс Хопкинс“. Клетките што детектираат звуци и испраќаат сигнали до мозокот не можат да се регенерираат, вели Лин.


- Значи, не е важно кој сте и што правите, слухот ќе ви се влоши во текот на животот.

И тоа е важно, не само за вашите уши, туку и за вашиот мозок. Лин и другите колеги пронашле врска помеѓу слухот и когницијата. Интервенциите за слух, вклучително и слушните апарати кога се потребни, го забавуваат губењето на меморијата и на вештините за размислување кај постарите луѓе, кои се изложени на ризик од когнитивни проблеми.

Иако многу фактори што влијаат врз слухот не можат да се избегнат, постои еден што може: изложеноста на бучава. Лин ги споредува гласните звуци со изложеноста на сонце. Една изгореница од сонце нема да ве убие, вели Лин. Но, како и повторените изгореници од сонце, ако продолжите да бидете изложени на многу гласна бучава, ќе ја платите цената многу години подоцна.

Лин и колегите развиле бесплатна апликација наречена „Слушачки број/Hearing Number“ за тестирање на слухот дома, со помош на слушалки.

-Луѓето мора да размислуваат за слухот како за бројка што ја следат во текот на целиот свој живот, слично како што го следат својот крвен притисок или својата тежина - вели Лин.

Покрај тоа, постојат очигледни начини да го заштитите вашиот слух. Намалете ја јачината на звукот кога е можно, оддалечете се од гласните звуци и ограничете го времето поминато во нивна близина. Кога тие приспособувања не се можни, набавете заштита за слухот.

Затоа, ова лето размислете за вашиот слух. 

Извор: sciencenews.org

Фото: Freepik