Позната актерка се појавува во последната сцена на „Игра со лигни“: Ќе добие ли серијата американска верзија?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Третата сезона од популарната серија „Игра со лигни“ беше објавена во петокот, а последната сцена привлече големо внимание поради појавувањето на светски позната актерка.
Предупредување: Овој текст содржи спојлери.
Познатата корејска серија, која стекна огромна популарност веднаш по премиерата на „Нетфликс“ во 2021 година, во третата сезона ангажирала холивудска актерка и добитничка на „Оскар“, Кејт Бланшет.
Актерката се појавува во последната сцена од епизодата „Сепак сме луѓе“, каде што на улиците на Лос Анџелес учествува во такџи - традиционална корејска игра во која играчите со преклопени хартиени плочки се обидуваат да ја свртат плочката на противникот.
Таа ја толкува улогата на регрутерка во смртоносната игра, собирајќи несреќни учесници за да се натпреваруваат едни против други во надеж дека ќе освојат огромна парична награда токму како ликот што го играше Гонг Ју во првата и втората сезона.
Креаторот на серијата, Хванг Донг-хјук, во едно интервју разговараше за нејзината кратка, но впечатлива улога. Хванг, кој ја има напишано и режирано секоја епизода од серијата, изјавил дека женски лик како регрутерка би бил подраматичен и поинтригантен.
- Кога станува збор за Кејт Бланшет, таа е едноставно најдобра, со неспоредлива харизма. Кој не ја сака? Затоа бевме пресреќни што се согласи да се појави. Ни требаше некој што може да доминира на екранот со само една или две реплики и таа го направи токму тоа - изјавил Донг-хјук.
Изведбата на Кејт Бланшет предизвикала шпекулации дека серијата може да добие американска верзија, а на социјалните мрежи обожавателите во голема мера расправаат за тоа кои актери би требало да ги играат главните улоги.
Извор:
Фото: