9 од 10 Европејци би ја напуштиле земјата во која живеат - еве каде би сакале да се преселат
Речиси половина од жителите на Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство веруваат дека во некој момент од животот ќе живеат во друга држава, покажа ново истражување спроведено на примерок од 2.000 возрасни лица.
Истражувањето за дигиталната осигурителна компанија „Федер“ го спроведе истражувачка агенција, а резултатите покажуваат дека растот на трошоците за живот е главната причина поради која многумина размислуваат за преселување во странство. Тоа го навеле 53 отсто од Британците, 48 отсто од Французите, 43 отсто од Германците и 32 отсто од Италијанците.
Во секоја од четирите земји беа анкетирани по 500 возрасни лица, а само еден од десет испитаници изјавил дека сигурно не би сакал да се пресели во друга држава.
Иако омилените дестинации се разликуваат од земја до земја, Шпанија се покажа како најпосакуван избор меѓу испитаниците.
Канада и Шпанија меѓу најпосакуваните дестинации
Британците и Италијанците најчесто ја избираа Шпанија како земја во која би сакале да живеат. За неа се изјаснија 24 отсто од Британците и 20 отсто од Италијанците. Шпанија беше и втор најпопуларен избор меѓу Французите и Германците - ја одбраа 16 отсто од Французите и 12 отсто од Германците.
Французите како најпосакувана дестинација ја издвоија Канада, која ја одбраа 17 отсто од испитаниците, додека Италија беше на второто место со 14 отсто од гласовите.
Германците, пак, главно не планираат да се селат далеку од дома. 17 отсто од нив ја избраа Австрија, додека Шпанија и Швајцарија го поделија второто место со по 12 отсто.
Британците се поспремни на преселување на друг крај од светот. Австралија ја одбраа 19 отсто од испитаниците, Канада 15 отсто, а Нов Зеланд 10 отсто.
Иако Дубаи често се споменува како една од најпопуларните дестинации за иселениците, само 3 отсто од Британците навеле дека размислуваат за преселување таму. Авторите на истражувањето истакнуваат дека анкетата била спроведена кон крајот на јуни и сметаат дека на резултатите веројатно влијаеле иранските напади врз ОАЕ во текот на претходните месеци.
Извор:
Nova.rs
Фото: Magnific