Како се открива карциномот на желудник?

Како се открива карциномот на желудник?

„Навременото поставување на дијагнозата претставува еден од најважните предуслови за успешно лекување на карциномот на желудник. Благодарение на современите дијагностички методи, денес болеста може да се открие и во рана фаза, кога можностите за успешно лекување се значително поголеми.“

Иако симптомите и физикалниот преглед можат да упатат на сомневање за карцином на желудник, тие сами по себе не се доволни за поставување на конечната дијагноза. Потврдувањето на болеста бара комбинација од ендоскопски, патохистолошки и радиолошки испитувања, со кои се утврдува не само присуството на туморот, туку и неговата локализација, распространетост и можностите за понатамошен третман.



Слика 5. Дијагностички алгоритам при сомневање за карцином на желудник.

Лекарски преглед и анамнеза


Дијагностичкиот процес започнува со детално земање анамнеза и внимателен клинички преглед. Лекарот се интересира за видот, времетраењето и интензитетот на симптомите, нивната поврзаност со внесот на храна, губењето на телесната тежина, присуството на гастроинтестинално крвавење, претходните заболувања на желудникот, инфекцијата со Helicobacter pylori, како и фамилијарната анамнеза за малигни заболувања. Иако физикалниот преглед ретко овозможува поставување на дијагнозата во раните стадиуми, тој може да открие знаци како анемија, губење на телесната тежина, палпабилна абдоминална маса или зголемени лимфни јазли кај напредната болест.

Гастроскопија – златен стандард во дијагностиката

Гастроскопијата претставува најважната дијагностичка метода при сомневање за карцином на желудник. Со помош на флексибилен ендоскоп лекарот директно ја прегледува слузницата на хранопроводот, желудникот и дванаесетпалечното црево, при што може да ги забележи и најмалите промени, како улцерации, полипоидни формации, задебелувања или инфилтративни лезии.
Покрај визуелната проценка, гастроскопијата овозможува земање повеќе примероци од сомнителните промени за патохистолошка анализа. Денес оваа метода претставува незаменлив дел од дијагностичкиот процес, бидејќи овозможува рано откривање на болеста, прецизно одредување на локализацијата на туморот и проценка на неговите макроскопски карактеристики.



Слика 6. Шематски приказ на гастроскопија. Со помош на флексибилен ендоскоп се овозможува директен преглед на слузницата на хранопроводот, желудникот и дванаесетпалечното црево, како и земање биопсиски примероци од сомнителни промени за патохистолошка анализа.
Биопсија и патохистолошка анализа

Иако гастроскопскиот наод може силно да упати на постоење на карцином, конечната дијагноза се поставува исклучиво врз основа на патохистолошката анализа на примероците добиени со биопсија. Микроскопската анализа овозможува потврдување на малигниот процес, определување на хистолошкиот тип на туморот, степенот на диференцијација и други прогностички карактеристики кои имаат важно значење за изборот на понатамошниот третман.

Компјутеризирана томографија

По потврдувањето на дијагнозата, следниот чекор е проценка на распространетоста на болеста. Компјутеризираната томографија (CT) на градниот кош, абдоменот и карлицата претставува основна метода за проценка на локалното ширење на туморот, зафатеноста на регионалните лимфни јазли и присуството на оддалечени метастази. Овие информации се од суштинско значење при планирањето на лекувањето.

Дополнителни дијагностички методи

Кај одредени пациенти може да биде потребна примена и на дополнителни испитувања. Ендоскопскиот ултразвук (EUS) овозможува попрецизна проценка на длабочината на навлегување на туморот во желудочниот ѕид и зафатеноста на регионалните лимфни јазли, особено кај раните форми на болеста.

Кај пациенти со локално напреднат карцином или сомневање за перитонеално ширење, дијагностичката лапароскопија може да открие промени кои не се видливи со радиолошките методи и да помогне во изборот на најсоодветниот терапевтски пристап.
Позитронската емисиона томографија комбинирана со компјутеризирана томографија (PET/CT) не се користи рутински кај сите пациенти, но може да биде корисна во избрани случаи за откривање на оддалечени метастази или за проценка на одговорот на онколошкиот третман.

Одредување на стадиумот на болеста

По завршувањето на дијагностичките испитувања, се одредува стадиумот на болеста според TNM класификацијата. Овој систем ја проценува големината и локалната распространетост на примарниот тумор (T), зафатеноста на регионалните лимфни јазли (N) и присуството на оддалечени метастази (M). Одредувањето на стадиумот на болеста претставува основа за избор на најсоодветниот терапевтски пристап, процена на прогнозата и планирање на понатамошното лекување.

Автор: д-р Владимир Михајлоски, специјалист по абдоминална хирургија