Невообичаени трендови во велнес-туризмот: од јога со кози до капење во пиво

Невообичаени трендови во велнес-туризмот: од јога со кози до капење во пиво

Велнес-одморот повеќе не се сведува на резервирање викенд во спа-центар или одделување време за јога помеѓу разгледувањето на знаменитостите. Глобалната велнес-индустрија денес вреди повеќе милијарди евра, а туристичкиот сектор сè почесто нуди необични начини луѓето да се чувствуваат подобро.

Од програми за релаксација посветени на поквалитетен сон и „шумско капење“, преку потопување во ледена вода и дигитален детокс, велнес-патувањата денес се многу повеќе од обично опуштање, а целта им е да дадат сосема ново искуство.

Ако ви здосади традиционалната комбинација од масажа и медитација, во продолжение се дадени некои од најнеобичните велнес-трендови што вреди да ги запознаете.

Капење во песок

Во одредени делови на Јапонија велнесот добива сосема необична форма - посетителите се закопуваат до вратот во природно загреан вулкански песок.

Оваа традиционална практика е позната како „сунамуши“. Посетителите легнуваат во посебно подготвен песок, а персоналот внимателно ги затрупува, оставајќи ја откриена само главата.

pesok
Фото: Instagram

Се верува дека топлината од песокот го поттикнува опуштањето и ја подобрува циркулацијата, додека тежината на песокот создава необично, но пријатно чувство.

Ова не е типичен спа-третман, а помислата да бидете „печени“ како компир во рерна нема да го привлече секого. Сепак, за оние што се подготвени да го испробаат, претставува незаборавен начин да запознаат една од најнеобичните јапонски велнес-традиции.

Спа-ритуали со магарешко млеко и какао

Еден италијански спа-центар реши да го подигне велнесот на сосема поинакво ниво од вообичаените третмани.

Во хотелот „Ил Салвијатино“, резиденција од 15 век во Фиренца опкружена со градини кои се протегаат на 12 хектари, третманите се инспирирани од древните ритуали за убавина, алхемијата и локалните состојки. Меѓу нив се издвојуваат две неочекувани: магарешкото млеко и какаото.

1
Фото: Instagram

Ритуалот за хранење на кожата со магарешко млеко е инспириран од козметичките практики што традиционално се поврзуваат со Клеопатра. За време на третманот се користи магарешко млеко богато со витамини за кожата да стане мазна и блескава.

Тука е и какао-церемонијата: третман инспириран од алхемијата во кој какаото се користи како дел од ритуал осмислен да го поттикне опуштањето и емоционалната добросостојба.

Набљудување на ѕвездите и „ѕвездено капење“

Речиси сите што ги следат велнес-трендовите веќе имаат слушано за „шумско капење“, но „ѕвезденото капење“ за многумина ќе биде нов поим.

Набљудувањето на ѕвездите и „ѕвезденото капење“ стануваат сè попопуларни начини за исклучување од секојдневната рутина. Самиот престој под ведрото ноќно небо нуди можност да го забавите темпото, да се одморите од екраните и да здивнете од секојдневната бучава.

Хотелите и центрите за одмор во областите со многу мало светлосно загадување сè повеќе ја развиваат оваа понуда - од организирани ноќни прошетки до посебно опремени астрономски опсерватории.

1
Фото: Instagram

Во швајцарскиот хотел „3100 Кулмхотел горнерграт“ гостите можат да ги набљудуваат ѕвездите од една од највисоките опсерватории во Европа. На Исланд, пак, хотелот „Ранга“ поседува сопствена опсерваторија од која посетителите можат да го набљудуваат Млечниот Пат, а со малку среќа и поларната светлина.

Пивски бањи

Пивските бањи можеби звучат како производ на нечија имагинација, но тие навистина постојат.

Особено се популарни во Чешка, а концептот е едноставен: влегувате во топла дрвена када исполнета со мешавина од состојки кои се користат за производство на пиво, како хмељ, јачмен и квасец, додека истовремено можете да уживате во вистинска кригла пиво наточено од славината до вас.

spa
Фото: Instagram

Се верува дека ваквите бањи го релаксираат телото и ја прават кожата помека, иако најголемата привлечност веројатно е самиот факт што можете да кажете дека годишниот одмор сте го поминале капејќи се во пиво.

Јога со кози

Јогата со кози е токму она што го посочува самото име - час по јога во кој инструкторите и учесниците вежбаат во друштво на кози.

За време на часот, гостите ги изведуваат јога-положбите додека животните слободно се движат околу нив, се качуваат на нивните подлоги, им ја грицкаат облеката, а понекогаш ќе одредат дека нечиј грб е идеално место за одмор.

joga
Фото: Instagram

Идејата не е совршено да изведете некоја позиција, туку да се забавувате, да поминете време на отворено и да уживате во позитивното влијание на животните.

Извор: Euronews.rs
Фото: Instagram