Како изгледа животот „на крајот од светот“: Териберка е последното руско село пред Северниот Леден Океан
Јована Квржиќ, блогерка за патувања од Србија, патувала со воз низ Русија, а на листата дестинации што ги посетила е и Териберка, руско село на самиот раб од континентот, кое го нарекуваат и „крајот на светот“.
Териберка е едно од најфасцинантните места на Арктикот - старо рибарско село сместено на брегот на Баренцовото Море на полуостровот Кола, во Мурманската Област во Русија. Познато е како единственото место во европскиот дел на Русија до кое може да се стигне со автомобил, а излегува директно на Арктичкиот Океан.
Северно од Териберка нема повеќе ниедна населба, само отвореното Баренцово Море и ледените пространства кон Северниот Пол.
Јована на социјалните мрежи сподели снимка која покажува како изгледа Териберка, а покрај тоа наведе: - Ако некогаш сте замислувале како изгледа „крајот на светот“, сега од северната страна, во овие кадри можете да видите дали сте погодиле. Добре дојдовте во Териберка, последното руско село пред Северниот Леден Океан и арктичката бескрајност.
- Териберка отсекогаш била рибарско село бидејќи поради топлата Голфска струја, Баренцовото Море, на чии брегови лежи, никогаш не се замрзнува во целост и во текот на целата година е погодно за риболов. Овде, според официјалниот попис на населението, живеат само 750 луѓе - додава таа.
Од почетокот на декември до средината на јануари сонцето воопшто не изгрева. Селото е потонато во мрак повеќе од еден месец. Во текот на летото (од мај до јули) сонцето воопшто не заоѓа.
На зима, снегот и силните арктички ветрови често го блокираат единствениот пат што води до Мурманск (оддалечен околу 130 километри), оставајќи го селото потполно отсечено со денови или со недели.
Териберка била напреден рибарски центар со фабрика за преработка на риба, бродоградилиште и развиено сточарство во текот на првата половина на 20 век. Во текот на 60-тите, со развојот на поголеми индустриски бродови и со концентрацијата на риболовот во блискиот Мурманск, Териберка го губи своето значење. Фабриките биле затворени, населението масовно се иселувало, а селото било препуштено на забот на времето.
Од тој период датира една од најпознатите визуелни атракции - остатоците од стари дрвени рибарски бродови препуштени на плимата и осеката на песочниот брег.
Во 2014 година, рускиот режисер Андреј Звјагинцев во ова село го сними филмот „Левијатан“ (номиниран за „Оскар“). Суровите, но магични арктички предели го привлекоа вниманието на јавноста.
Преку ноќ, напуштеното село стана магнет за авантуристи, фотографи и туристи од целиот свет кои сакаат да го доживеат „крајот на светот“, да ја видат поларната светлина и да набљудуваат китови во Баренцовото Море.
Во селото денес живеат стотина жители, а животот се одвива меѓу традицијата (риболовот) и новиот бран на туризам.
Извор:
Klix.ba
Фото:
Wikipedia