Сакате замоци? Оваа интерактивна мапа ви овозможува да истражувате илјадници замоци низ светот

Сакате замоци? Оваа интерактивна мапа ви овозможува да истражувате илјадници замоци низ светот

Вашето следно патување исполнето со замоци би можело веќе да биде испланирано со помош на интерактивна алатка која прикажува повеќе од 7.700 замоци, тврдини и палати во 141 земја.

Заборавете на обиколките на вообичаените туристички атракции и знаменитости. За патниците што се опседнати со кули, ѕидини и подвижни мостови, постои практична алатка која на едно место ги собира замоците од целиот свет.

Во 141 земја, со моментално 7.738 знаменитости, „Кеслмап“ на бесплатна интерактивна мапа прикажува замоци, тврдини, палати и урнатини од целиот свет. Платформата користи податоци со отворен код од „Викидата“, вклучувајќи ги координатите и датумите на основање на секоја знаменитост. Секоја од нив е означена на мапата со фотографија и кратка приказна за својата историја.

Четири категории

Атласот „Кеслмап“ е поделен во 4 главни категории: замоци и дворци, тврдини и утврдувања, палати и резиденции и урнатини. Последната категорија ги опфаќа градбите од која било од претходните три групи кои повеќе не постојат во некогашниот сјај или можеби целосно исчезнале.

Основачот на платформата, кој на мрежата „Х“ се претставува како @Flightmussy, го опишува атласот како внимателно одбран, а не како исцрпен список. Секоја знаменитост што се вклучува мора да има фотографија, прецизни координати и напис на „Википедија“.

Тоа подразбира пребарување написи на „Википедија“ на најмалку 25 јазици, што значи дека мапата опфаќа многу разновиден спектар на градби - од германските бургoви, преку француските шатоа, до италијанските кастели.

За оние што сонуваат за одмор исполнет со посети на замоци, забавата не мора да заврши откако ќе ја испланираат маршрутата и ќе ги изберат местата што сакаат да ги посетат.

Алатката „КеслгесерC“ им прикажува на корисниците случајно избрана фотографија од замок и ја тестира нивната способност на мапата да погодат каде се наоѓа.

Погодоците се бодираат во зависност од оддалеченоста од вистинската локација, а целта е да се постигне резултат што е можно поблизок до максималните 5.000 поени. Играчите можат да ја прочитаат и приказната за знаменитоста, вклучувајќи го векот во кој настанала, нејзиниот статус на културно наследство, како и практична информативна лента со други замоци што се наоѓаат во близина.

Која земја има најмногу замоци и кои се најпознати во светот?

Ако барате замоци, Европа е најдоброто место за почеток. 9 од 10 земји со најголем број знаменитости на „Кеслмап“ се наоѓаат на европскиот континент. Единствен исклучок е Јапонија, која со 297 внесени знаменитости го зазема 7. место.

Иако при помислата на земји со замоци прво ви паѓаат на ум Обединетото Кралство, Франција или Германија, која земја всушност ја освојува титулата?

Со дури 600 знаменитости, Шпанија убедливо е на првото место според бројот на историски локалитети на платформата. Меѓу нив има 383 замоци, 77 тврдини, 65 палати и шатоа и 75 урнатини, кои опфаќаат период подолг од 37 века.

Најголема концентрација на знаменитости во Шпанија има околу Валенсија, каде што има 73 во радиус од 100 километри. Следуваат Мадрид со 59 и Аликанте со 57.

Шпанија сепак не го зазема првото место на листата на десетте најпознати замоци. На листата се земаат предвид бројот на изданија на „Википедија“ и поврзаните проекти во кои е застапена одредена знаменитост, како и податоците за читаноста на написите врз основа на статистиката за прегледи на страниците на „Википедија“.

Алхамбра во Гранада, кралска резиденција основана во 13 век, се наоѓа на четвртото место. Пред неа се кинескиот комплекс на царската палата Забранетиот град, на третото место, и атинскиот Акропол, тврдина од 5 век пр.н.е., на второто место. Круната ја освојува француската палата Версај.

Топ-10 најпознати замоци, тврдини, палати и урнатини според „Кеслмап“


1. Палатата Версај, Франција
2. Акропол во Атина, Грција
3. Забранетиот град, Кина
4. Алхамбра, Шпанија
5. Замокот Нојшванштајн, Германија
6. Бакингемската палата, Англија
7. Лондонската кула, Англија
8. Замокот Виндзор, Англија
9. Адријановиот ѕид, Англија
10. Бастилја, Франција

Извор: n1info.hr
Фото: Magnific