Премиерот на Холандија објаснува зошто оди на работа со велосипед?

Премиерот на Холандија објаснува зошто оди на работа со велосипед?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Со преубав поглед кон езерото Хофвијвер, готскиот дворец Биненхоф се наоѓа во срцето на Хаг, а во него е сместена владата на Холандија.

Затоа, не е чудно што холандскиот премиер Марк Руте ужива да оди на работа со велосипед.

- Не возев велосипед речиси 10 години. Но, во последниве две години повторно имам мој велосипед и кога временските услови ќе ми дозволат, го користам како превозно средство до работа - изјави тој за Светскиот економски форум.

Холанѓаните се познати по својата љубов кон велосипедите. Минатата година оваа земја имала повеќе велосипеди отколку жители: 23 милиони наспроти 17 милиони. Повеќе од четвртина од сите патувања во Холандија се со велосипед, а од нив четвртина се патувања до работа.

Холандскиот премиер објаснува зошто долго време ова е феномен.

- Холанѓаните сакаат да користат велосипеди бидејќи сме мала земја. Мораме да стигнеме од точка А до точка Б. Секако, одењето со автомобил е опција, но тоа подразбира метеж во сообраќајот и негативно влијание врз животната средина. Уште од 19 век навикнати сме да користиме велосипед - вели тој.

Рамниот пејзаж на Холандија е совршен за патување со велосипед. Но, исто така, сообраќајната инфраструктура е внимателно изградена за да се промовира превозот со велосипед.

Постојат над 35.000 километри велосипедски патеки, а најголемиот подземен паркинг за велосипеди во светот се наоѓа во Утрехт.

Руте признава дека е импресиониран од тоа како функционира системот.

- Воодушевен сум колку посебни семафори има за велосипедистите и од патеките за велосипеди што ги имаме сега - многу повеќе отколку пред 10 години. Тие не се наоѓаат само во градовите, туку и во помалите средини, што го прави возењето велосипед многу безбедно и едноставно, особено за малите деца кога одат на училиште.

Здраво за луѓето и за планетата

Здравствените придобивки од возењето велосипед се добро познати: се намалува ризикот од болести како што се дијабетесот и кардиоваскуларните болести, а придонесува и за подобро ментално здравје.

Истражување од 2015 година открило дека се спречуваат повеќе од 6.000 смртни случаи секоја година токму поради возењето велосипед, а исто така, возењето ви го продолжува животниот век за 6 месеци.

Освен тоа, големи се и придобивките за животната средина: користењето велосипед штеди во просек 150 грама јаглероден диоксид по километар, покажува анализата на Институтот за сообраќајна политика во Холандија.

Како што вели Руте: - Целиот систем ги поттикнува луѓето да ја користат оваа здрава алтернатива.