Студентите се жалат на високи кирии, агенциите на слаба побарувачка на станови за под кирија

Студентите се жалат на високи кирии, агенциите на слаба побарувачка на станови за под кирија

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Студентите се пожалија дека кириите бележат раст, но агенциите за недвижности и сопствениците на станови велат дека цената е иста, а побарувачката помала

Се издава стан во Карпош 3 во Скопје. Има 28 квадратни метри, а цената за наем е 250 евра. Трособен стан во Тафталиџе чини 500 евра. Во Кисела Вода се издава стан од 50 квадрати за 400 евра. Двособен стан во Центар може да се изнајми за 600 евра. Изнајмување трособен стан од 90 квадрати во Центар за студенти чини и 950 евра. Гарсониера во Аеродром се изнајмува за 230 евра. Еднособен стан во Капиштец држи цена од 250 евра.

Вака приближно изгледаат огласите за станови деновиве. Студентите се жалат дека кириите бележат раст, но агенциите за недвижности и сопствениците на станови велат дека цената е иста, а побарувачката помала.

Скапи кирии за стандардот

- Изминатите месеци кириите бележат пораст. Доколку би требало да претпоставам на што се должи тоа, најверојатно е поврзано со пандемијата и фактот дека голем број од лицата што издаваат станови/куќи останаа без работа, па компензираат со покачување на киријата со цел да го надоместат тој финансиски удар. Цената на становите е врзана со локацијата и големината на станот, како и со опременоста. Еден просечно опремен, пристоен двособен стан, надвор од строгиот центар, е над 200 евра. Земајќи ја предвид просечната македонска плата и примања, живеењето со цимер не е повеќе само опција, туку е неизбежно. Кај студентите е уочлив револтот по ова прашање, а е апсолутно оправдан. Цените за изнајмување станови не соодветствуваат со македонскиот економски стандард - вели Елена Димоска, админ на фејсбук-групата „Цимер дека си бе цимер“ во која студентите разменуваат информации за изнајмување простор за живеење, а се нудат и станови и куќи за под кирија.



Студентските домови се неопходни

Борјан Ефтимов, претседател на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, вели дека нема информација за тоа како се движи цената на становите и не би сакал да коментира.

- Во однос на домувањето за студенти, нашиот став е следниот: државата треба да ги отвори студентските домови за студентите што ќе треба да посетуваат настава или лабораториски вежби со физичко присуство. Студентските домови треба да се отворат со соодветни протоколи кои ќе ги заштитат студентите и вработените во студентските домови. Затворањето на студентските домови е неоправдано од повеќе причини. Прво, ризикот за ширење за вирусот би бил поголем во приватно сместување каде што државата нема контрола и може да дојде до групирање и организирање забави, за разлика од студентските домови каде што студентите би живееле во контролирани услови и групирањето во собите би било најстрого забрането и санкционирано. Дополнително, затворањето на студентските домови ќе им го зголеми финансискиот товар на студентите, кои ќе мора да бараат алтернативи во приватно сместување, што е значително поскапо. Оттука, бараме студентските домови да се отворат за студентите што ќе имаат организирана настава или вежби со физичко присуство - вели Борјан.

Помала побарувачка на станови

Од Агенцијата за недвижности „Импулс риалестејт“ категорично велат дека нема никакво покачување на становите, туку напротив, кај одредени станови цената е намалена.

- Не знам од каде таква информација, кај нас можам да кажам дека некои сопственици дури и ја намалија цената со цел само да се изнајми станот, да не стои празен. Има луѓе што живеат од кирии и им е во прилог по секоја цена да е изнајмен станот. Има и такви што држат цена и очекуваат кога-тогаш да им се јават кираџии. Во вакво пандемично време многумина беа принудени да ја намалат цената. А и нелогично е цената да се зголемува кога нема побарувачка. Реално да зборуваме - многу малку студенти периодов има во Скопје - велат оттаму.

Академската учебна година почнува утре, а на факултетите дел од наставата и испитите ќе се одвиваат со физичко присуство.