Првиот автопат бил направен пред 100 години. Знаете ли во која држава?

Првиот автопат бил направен пред 100 години. Знаете ли во која држава?

Подготвил: Билјана Спиркоска

Лектор: Ивана Кузманоска

Иако многу луѓе мислат дека Германците го изградиле првиот автопат, тоа не е вистина. Тој бил направен во друга европска држава, и тоа поради туристите.

Пред 100 години во Италија бил отворен за сообраќај првиот сегмент од првиот автопат на светот. Патот меѓу Милано и Варезе бил отворен на 21 септември 1924 година од страна на кралот Виктор Емануел III, кој често се возел по патот во неговата „ланча трикапа“. Варезе се наоѓа северно од Милано, во регион полн со живописни езера, а автопатот наречен „Aвтопат на езерата“ главно бил наменет за туристите кои сакале да одат од Милано до езерата Маџоре, Лугано и Комо.

Фото: Wikipedia

Патот воедно е и првиот пат со патарина. По должината на автопатот биле поставени наплатни куќички каде што се наплаќал влез. Возачите со обични автомобили плаќале по 10 тогашни италијански лири.

Главниот „виновник“ за автопатот бил инженерот и сенатор Пјеро Пуричели. Тој живеел во тешко достапното подрачје и, според пишувањата на некои медиуми, уште во 1921 година на свој трошок асфалтирал еден пат за да може побрзо да стасува дома. Тоа била првата асфалтирана улица во Италија, државата која пред сто години имала само 80.000 автомобили, автобуси и камиони. Денес во Италија има речиси 40 милиони автомобили.

Иако многумина мислат дека првиот автопат бил изграден во Германија, тоа не е вистина. Пат со одделени ленти постоел во Германија од 1921 година, но тој пат бил проектиран и изграден како тркачка патека, а само делумно и повремено се користел за сообраќај. Патот се користел како патека за трки сè до 1998 година. Првиот вистински германски автопат бил отворен во 1932 година.

Извор: Jutarnji
Насловна фотографија: Wikipedia