Во „Скејтбордингот не е за девојчиња“, филмот со кој годинава беше отворен фестивалот „Браќа Манаки“, режисерката Дина Дума влегува во светот на младите девојки соочени со традицијата и сиромаштијата, но и со нивната храброст да ги поместат границите и да ги преиспитаат наметнатите правила за женската слобода.
Што ве натера токму сега да ја раскажете приказната „Скејтбордингот не е за девојчиња“ и од каде тргна идејата за филмот?
- Идејата тргна од една многу едноставна слика што ја видов на улица, девојче облечено во шалвари, како вози скејтборд. Имаше нешто во контрастот на таа слика што веднаш ме привлече и долго остана со мене. Почнав да се прашувам која е таа девојка, каде оди, како изгледа нејзиниот живот кога ќе се симне од скејтбордот. Од тие прашања постепено почна да се раѓа Адела. Но, од првичната идеја до филмот поминаа неколку години. Поминав многу време во Шутка, разговарав со девојки и жени од заедницата и низ тие средби сценариото многу се менуваше. Сфатив дека не можам да дојдам со однапред подготвенo сценарио, туку морам прво да ја слушнам нивната перспектива. Така приказната постепено стана многу покомплексна од онаа прва слика што ја видов на улица.
Можеби затоа не чувствувам дека јас одлучив „токму сега“ да ја раскажам оваа приказна. Повеќе имам чувство дека ми требаше време да ѝ се приближам доволно за да можам да ја почувствувам и раскажам.
Скејтбордот како простор на слободата
Насловот е провокативен. Скејтбордингот во филмот е спорт, но дали истовремено е и метафора за слободата – за правото девојките сами да избираат каде ќе бидат, што ќе прават и каков живот сакаат?
- Никогаш не размислував за скејтбордингот првенствено како метафора. Најпрво ме привлече неговата физичка природа, движењето, рамнотежата, ризикот, паѓањето, повторното станување и довербата во сопственото тело. Токму тоа стана важно за Адела. Како што расте, таа постепено сфаќа дека за многу нешта во нејзиниот живот можеби нема самата да одлучува. А кога е на скејтбордот, ситуацијата е сосема спротивна: таа одлучува каде ќе оди, колку брзо ќе се движи, ризикува, паѓа и повторно станува. Тоа е еден од ретките моменти во кои чувствува целосна контрола врз сопственото тело.
Затоа скејтбордингот за мене доби и пошироко значење. Не затоа што може магично да ја ослободи Адела од светот во кој живее, туку затоа што ѝ создава мал простор во кој може да почувствува како изгледа слободата. А понекогаш токму таквите мали искуства ни овозможуваат да замислиме дека животот може да изгледа и поинаку.
И самиот наслов доаѓа од сите оние реченици со кои девојчињата растат: што е, а што „не е за нив“. Тие правила не секогаш доаѓаат како директна забрана. Многу почесто ги учиме низ малите нешта, низ очекувањата и однесувањето на околината. Адела е уште во онаа возраст кога тие граници не ги прифатила целосно и се обидува да ги помести.
45 проценти од Ромките во земјава стапиле во брак пред 18 години
Дали ограничувањата се специфични само за ромската заедница или во различни форми ги препознаваме и во други средини во Македонија?
- Мислам дека е многу важно овие ограничувања да не ги гледаме како нешто што е специфично само за ромската заедница. Формите и интензитетот се различни, но очекувањата за тоа како треба да изгледа животот на една девојка, како треба да се однесува, колку слобода смее да има и колку самата одлучува за своето тело и својата иднина, постојат и во многу други средини во Македонија. Патријархатот не е проблем на една заедница, ниту пак на една земја.
Работејќи на филмот, до какви сознанија дојдовте за тоа колку се присутни малолетничките бракови?
Секако, работејќи на филмот се соочив и со реалноста на малолетничките бракови во ромската заедница и бројките се навистина загрижувачки. Според истражувањето на УНИЦЕФ, околу 8 проценти од младите жени во Македонија стапиле во брак или заедница пред 18 години, додека во ромските населби низ земјата таа бројка е околу 45 проценти. Околу 15 проценти стапиле во брак или заедница пред да наполнат 15 години. За мене е ова фрапантна бројка за која никој не зборува.
Но, поминувајќи време со заедницата, сфатив колку е опасно и ова прашање да се сведе едноставно на „традиција“. Зад него стојат многу други фактори: сиромаштијата, образованието, економската зависност, положбата на жената и можностите што една девојка воопшто ги има пред себе.
Токму затоа не сакав филмот да покажува со прст или да нуди едноставни одговори. Ме интересираше што значи избор кога можностите за избор се веќе ограничени. Колку навистина можеш слободно да одлучуваш за сопствениот живот ако економски зависиш од семејството, ако немаш пристап до истите можности или ако од многу рана возраст ти е кажувано каков треба да биде твојот пат? За мене, тоа прашање излегува многу подалеку од една заедница.
Многу е тенка границата меѓу филмот и секојдневниот живот
Кои беа најголемите предизвици при снимањето во ромската населба и како ја стекнавте довербата на девојките и нивните семејства за да ја раскажете оваа приказна?
-Довербата не се гради преку ноќ и за мене тоа беше можеби најважниот дел од целиот процес. Поминав многу време во Шутка пред да почнеме со снимање. Разговарав со девојките, со жените, со нивните семејства, но не само за филмот. Ми беше важно прво да се запознаеме и тие да почувствуваат дека можат да бидат отворени со мене, но и дека имаат право да постават граници.
Особено со девојките, не сакав да дојдам како режисер кој веќе знае што сака да добие од нив. Многу од нивните искуства, начинот на кој зборуваат, нивниот хумор и односите меѓу нив постепено влијаеја и врз сценариото. На некој начин, довербата стана двонасочна и јас морав да бидам подготвена да ги променам сопствените претпоставки и да слушам.
Снимавме во вистински домови, простори во кои животот продолжуваше да се случува околу нас. Во некои од куќите луѓето спиеја навечер, а наутро одеа на работа и ние влегувавме со екипата да снимаме. Не можевме да се однесуваме како просторот да ни припаѓа само затоа што снимаме филм. Моравме ние да се приспособиме.
Токму тоа на крајот стана една од најубавите работи во процесот. Границата меѓу филмот и секојдневниот живот понекогаш беше многу тенка и мислам дека токму од таму доаѓа дел од живоста и искреноста што ја има филмот.
Девојките реално да се прикажат на филмското платно како целосни личности
Колку е важно девојките да се видат себеси на филмското платно како храбри, бунтовни и слободни? И дали верувате дека еден филм може да го промени начинот на кој општеството гледа на девојките?
- Мислам дека е многу важно девојките да се препознаваат на филмското платно, но не само како храбри или како позитивни примери. Важно ми е да ги гледаме како целосни личности, да бидат бунтовни, смешни, лути, себични, ранливи, да грешат, да се премислуваат. Со години машките ликови ја имаат таа слобода, додека од женските многу почесто очекуваме да бидат допадливи. Не знам дали еден филм може директно да го промени општеството и секогаш сум внимателна со таквите очекувања од уметноста. Но, верувам дека филмот може на два часа да нè стави во туѓа кожа, да нè доближи до живот што не го познаваме и да создаде емпатија таму каде што претходно можеби имало предрасуда.
А за една млада девојка, можеби е доволно и само да види девојка како неа која зазема простор, паѓа, станува, се лути, се спротивставува и продолжува понатаму. Не затоа што Адела треба да биде модел кој некој ќе го следи, туку затоа што и таа има право нејзиниот свет, нејзините желби и нејзиниот глас да бидат доволно важни за да го исполнат целото филмско платно.
Фото: приватна архива