Симона Шилегова со свое истражување на престижната EuroMed Academy Conference 2026: Иднината е во технологијата

Симона Шилегова со свое истражување на престижната EuroMed Academy Conference 2026: Иднината е во технологијата

Пред меѓународна академска публика, Симона Шилегова, магистер по дигитален маркетинг на City College, University of York, имаше чест да го презентира својот научен труд: Exploring Augmented Reality Initiatives Within the Luxury Fashion Sector: South East European Customer Insights на 19. EuroMed Academy Annual Conference одржана од 23 до 25 септември во Пафос, Кипар.


EuroMed Academy Annual Conference е меѓународен академски собир во кој учествуваат повеќе од 350 учесници од над 55 земји. Истиот веќе 19 години обединува истражувачи, професори, докторанди и професионалци од различни делови на светот и создава простор за презентација на современи истражувања, размена на идеи и развој на меѓународна академска соработка.



За Шилегова, токму меѓународниот карактер на EuroMed бил еден од највпечатливите аспекти на целото искуство:

- EuroMed за мене беше многу повеќе од можност да го презентирам моето истражување на кое работев повеќе години, а е посветено на една од технологиите што сѐ повеќе го менуваат начинот на кој потрошувачите во денешно време комуницираат со модните брендови - проширената реалност (Augmented Reality - AR). Можноста да ја презентирам мојата научна работа, како и да слушнам истражувања од голем број различни области и перспективи, да разговарам со луѓе кои со години работат во академијата е искуство кое навистина овозможува проширување на академските видици. Најубавиот дел беше тоа што без разлика од која земја доаѓаме или што сме истражувале, сите се поврзавме во желбите за нови научни идеи и да придонесеме со нешто свое. За мене беше огромна чест да бидам поканета на таков престижен академски настан и моето истражување да биде дел од таа меѓународна академска средина - вели Шилегова.

Во центарот на нејзиното истражување е прашањето што се случува кога проширената реалност престанува да биде само интересна дигитална алатка и станува начин преку кој потрошувачите можат да експериментираат со сопствениот изглед, стил и идентитет.



Особено значење во целиот научен труд има фактот што истражувањето во фокусот ја става Југоисточна Европа, овозможувајќи искуствата и ставовите на младите потрошувачи од генерацијата З од наведениот регион да станат дел од пошироката меѓународна академска дискусија за иднината на технологијата, маркетингот и луксузната мода.

-Уште додека работев на магистерскиот труд знаев дека не сакам одбраната на темата да остане само нешто што ќе го предадам и ќе го ставам настрана. Сакав истражувањето да отвори простор за понатамошна дискусија, особено затоа што зборуваме за технологија која допрва ќе има сѐ поголемо влијание врз маркетингот и начинот на кој купуваме. Фактот што трудот стигна до EuroMed и што имав можност лично да го презентирам пред меѓународна академска публика за мене беше навистина посебен момент - додава Шилегова.

Симона Шилегова професионално работи во областа на дигиталниот маркетинг и социјалните медиуми. Нејзиниот академски и професионален интерес се среќаваат токму во анализата на новите технологии, однесувањето на потрошувачите и промените што дигитализацијата ги носи во начинот на кој брендовите комуницираат со новите генерации.



- Дигиталниот маркетинг се менува со огромна брзина и мислам дека повеќе не е доволно само да следиме што прават потрошувачите денес. Од круцијално значење е да се обидеме да разбереме што ќе очекуваат утре. AR е само еден дел од таа промена, но покажува колку брзо исчезнува границата меѓу физичкото и дигиталното искуство - вели таа.

Во време кога проширената реалност, вештачката интелигенција и персонализираните дигитални искуства сѐ повеќе стануваат дел од секојдневието, нејзиното истражување отвора прашање што оди многу подалеку: дали иднината на маркетингот ќе биде само во тоа како брендовите ќе ни ги претставуваат производите или во тоа како технологијата ќе ни помогне да откриеме што навистина сакаме?