Фатено „чудовиште од длабочините“ што гледа низ сопствената глава: „Прекрасно е и ужасно“
Ретка риба со проѕирна глава првпат е снимена во 4K резолуција, а тие што го видоа го опишаа необичното суштество како „прекрасно и застрашувачко“, пишува „Дејли мејл“.
За време на неодамнешната експедиција покрај брегот на централна Калифорнија, научниците од Истражувачкиот институт на аквариумот „Монтереј беј“ наидоа на необичната риба на длабочина од околу 600 метри. Станува збор за видот Macropinna microstoma, познат како барелај, кој досега е виден само 11 пати.
- Средбата со рибата барелај е ретка чест - вели научникот Стивен Хадок, додавајќи дека екипажот од целиот брод се собрал во контролната соба воодушевен од ова животно.
Експедицијата се одвиваше на околу 90 километри од калифорнискиот брег, а научниците со подводно возило на далечинско управување бараа медузи, сифонофори и ктенофори. Кога возилото се враќаше кон површината, истражувачката Шанон Џонсон ја здогледа рибата и го повика тимот да го запре возилото. На снимката се слуша како возбудено повторува „запри“. Рибата барелај живее во таканаречената зона на самракот во океанот, која се протега од 200 до 1.000 метри длабочина. Големите перки ѝ даваат стабилност и подвижност, додека очите ги држи насочени кон водата над себе, барајќи силуети од плен. Кога ќе забележи потенцијална мета, очите ѝ ротираат за да ја држат во видното поле, а желатинозниот слој околу нив формира заштитен штит.
„Успеавме да потврдиме децении стари теоретски предвидувања“
Тимот ја набљудуваше рибата 20 минути користејќи камера со висока резолуција. Во речиси 40 години истражување на океанот, вклучувајќи 7.000 нуркања, овој вид е виден само 11 пати.
- Ова е нашето прво набљудување снимено во 4K, а снимката ќе им помогне на истражувачите подобро да разберат како гледаат животните во длабокото море - порачаа од тимот.
Фото: принтскрин/јутјуб