Игор Талевски извози околу 1.150 км со велосипед, со искачување 10.000 м за 3,5 дена: „Рандонери Македонија е збиралиште на 90 возачи на ултрадолги растојанија“
Рандонерството е меѓународно здружување на велосипедисти од целиот свет кои се инспирирани да возат долги патеки, а чие седиште е во Франција. Веќе една година како е основана иницијативата „Рандонери Македонија“, збиралиште за сите вљубеници во рандонерингот - возењето велосипед на ултрадолги растојанија. Заедницата брои околу 90 рандонери - возачи кои се надминале себеси
Игор Талевски, наш ултравелосипедист кој постојано ја тестира својата издржливост, неодамна направи круг со велосипед низ дел од географската и историска територија на Македонија. Извози околу 1.150 километри, со искачување на околу 10.000 метри за три и пол дена.
- Идејата ја имав уште кога почнав да возам долги тури со велосипед, пред некои 8 години, но тоа никако не се случуваше - или влегував во некој циклус на тренинг за некој друг предизвик или трка или ме мрзеше искрено да планирам или немав време и трпение итн. Минатата година, за време на фестивалот на планински филм Ехо, беше презентирана книгата на Слободан Трајковски со наслов „Кругот на Македонија“, во која тој пишува за доживувањето на тој „велоаџилак“ кој во 2016 година го споделува со Марко Ленчевски. Книгата во голема мера ми го олесни планирањето бидејќи Слободан до детал ја опишува маршрутата која ја поминале и веќе не можев да наоѓам изговори - сѐ беше пред мене на дланка... Исто така, сакав да го извозам сега ова и за Слободан, кој за жал прерано нѐ напушти (книгата беше постхумно издадена од неговото семејство и пријатели) и кој го почитував и му се восхитував за неговата голема и отворена љубов кон Македонија, што многу ме инспирира. Така што, дојде време на некој начин и за мене, да имам свој велоаџилак со повеќе причини за возење на овој круг - ни сподели Игор Талевски.
Извозени 1.150 км за три и пол дена
Кругот се движи низ териториите на нашата држава, како и низ Бугарија, Грција и Албанија. Бројките на крај покажуваат извозени околу 1.150 километри, со искачување на околу 10.000 метри, што го вози за три и пол дена.
- Накратко, движењето започна во Скопје, од каде што преку Овчеполието кон исток продолжи преку Кочани и Делчево во Благоевград, од каде кон југ возев до Кавала, потоа на запад преку Солун и Костур кон Поградец, од каде што покрај Охридското Езеро и потоа преку Дебар на север се вратив во Скопје. Возењето вакви растојанија веќе ми е рутина. Досега сум учествувал во неколку предизвици и трки кои траеле по многу повеќе денови - возејќи секогаш и до длабоко во ноќта и започнувајќи повторно рано уште пред разденување. Овој пат сакав да возам само дење - добар дел од патеката првпат ја поминував и сакав да уживам и да видам сѐ. Македонија нуди многу различни пејзажи и не сакав да пропуштам нешто: планини, полиња, езера, села и градови - сите со голема разноликост и свои карактеристики. Не сакав да брзам - дополнува Талевски.
Игор Талевски направи директен премин од алпинизам во возење на долги растојанија.
- По 20 години качување вертикали, од нигде-никаде се најдов на велосипед. Меѓутоа, во активност која има понекоја сличност со тоа што претходно го барав во алпинизмот: сакав нешто што ќе биде соодветен пофин психо-физички предизвик, па скоро секоја година учествував во некоја поголема трка со должини од 1.500 до 6.800 км, возејќи трки преку Америка од запад кон исток, од Италија до најсеверната точка во Европа во Норвешка, околу Холандија, околу Босна, низ Хрватска, низ Алпите и Доломитите - раскажува тој.
Ултрадолгите велосипедски возења полека водат кон основање на иницијативата „Рандонери Македонија“, збиралиште за сите вљубеници во рандонерингот - возењето велосипед на ултрадолги растојанија.
- Во овие моменти одбележуваме една година рандонерство во Македонија. Во иницијативата учествувам поради неколку клучни причини: да инспирирам што повеќе возачи да започнат да возат долги растојанија (во рандонерството минималното растојание се патеки од 200 километри, а потоа продолжуваат на 300 км, 400 км, 600 км, па и над 1.000 км), но и притоа да инспирирам што повеќе возачи да уживаат низ убавините на Македонија. До овој момент нашата заедница брои околу 90 рандонери - возачи кои се надминале себеси - објаснува Игор.
Иницирање на рандонерството во Македонија
Тој се надева дека ќе почне да се случува следниот чекор, а тоа е почесто присуство на македонски рандонери во посериозни ултрадолги предизвици и трки.
- Рандонерството е многу органска база за тоа затоа што едноставно инспирира и учи човек почесто да биде на велосипед, да вози по повеќе часови во текот на денот, а на подолгите бревети (организирани друмски возења на долги релации од ненатпреварувачки карактер) - и повеќе денови... Од тоа што се случи изминатава година, веќе гледам потенцијал во добра бројка на македонски рандониери, кои можат комотно да бидат дел од тие ултрадолги предизвици, од по две илјади километри, па и повеќе. Истиот принцип е како и за првата 200ка: само треба да се тргне. Потоа само треба да се продолжи и да се ужива повеќе денови на велосипедот - вели Талевски.
Како што нѐ информира Игор, рандонерството е меѓународно здружување на велосипедисти од целиот свет, кои се инспирирани да возат долги патеки, а чие седиште е во Франција. Всушност, човекот кој ја инспирира организираната форма на рандонерството е истиот кој ја започна организацијата на Тур де Франс во почетокот на минатиот век - Анри Дегранж. Како и секое здружение (еве нека е и спортска дисциплина), така и рандонерството си има свои правила кои еволуирале во изминатите повеќе од 120 години, на пример, временски лимит за добивање потврда за извозено растојание, поминување низ контролни точки, почитување на важечките сообраќајни правила итн.
- Едно од интересните правила е потребата од самостојност на возачите - имено не е дозволено следење со возило или друго моторно средство на групата која го вози бреветот на своите велосипеди, не е дозволено примање помош од кој било тип на патеката - секој возач или група на возачи која би се оформила при возењето, треба да може да се грижи за себе, за своето тело и здравје и за својот велосипед, самостојно... Дозволено е да се прима помош само од рандонерите што учествуваат на тоа возење. Во рандонерството е дозволено при возењето да се оформат групи возачи кои би си се нашле во текот на возењето, кои би биле со исто темпо и кои на ист начин сакаат да ја доживеат приказната. На крајот, на финишот - сите се финишери. Нема победници, нема подиуми. Рандонерството нема натпреварувачки карактер. Тоа е едноставно „прошетка со велосипед“, личен, себенадминувачки предизвик и неговиот карактер е искусување долго растојание и споделување на истото - со луѓе со истата пасија - ни објаснува Игор.
Тој се надева дека за следната сезона ќе имаат и први македонски рандонери на најпознатиот рандонерски настан: бреветот Париз-Брест-Париз, која е со должина од околу 1.200 километри.
- Потребни се одредени чекори како еден рандонер се здобива со право да учествува во овој предизвик, но дел од нашите колеги ги исполнија. Ништо не е недостижно, иако така изгледа на почеток. Ова се големи предизвици, но сѐ што е потребно е само да се направи првото вртење на педалите. Париз-Брест-Париз има историја од 135 години и претставува вистински фестивал на возењето на големи растојанија, а се случува еднаш на четири години и учествуваат неколку илјади возачи од целиот свет. Расте интересот за овој начин на себенадминување. На почетокот на ноември, ќе биде споделен новиот календар за бреветите што ќе ги организираме следната година, па секој ќе може со време да почне да се подготвува. Секогаш повеќе информации може да се добијат на
@RandonneursMacedonia - сподели нашиот соговорник Талевски.
Фото: приватна архива